ВМРО-ДПМНЕ не дава да се формира анкетна комисија за Кочани, барањето било „противуставно“

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вечерва изјави дека се уште нема официјално барање за лидерската средба што ја иницира претседателот на СДСМ, Венко Филипче и дека ваквата средба тој ја гледа како начин за факторизација на лидерот на опозицијата.
– Ирелевантно е местото на кое што би се одржало нешто такво. Она што е повеќе отворено како прашање е дека ние од претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, до сега немаме слушнато нешто конкретно и отворено да каже по однос на ова што е најавено, односно таа лидерска средба за која што се зборува во медиумите. Несериозно е сите ставови да ги разбираме од медиумите и она што јас го воочувам како факт е дека претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Филипче бара начин да се факторизира како политичар, односно како лидер на опозициона партија. По мене, ваквото барање, во суштина, не е ништо и не испорачува никакви резултати, туку единствена можност е факторизација на Венко Филипче и вовлекување на ВМРО-ДПМНЕ или владејачката коалиција во нешто во што нема потреба во моментот да се влегува, рече Мицевски вечерва на гостување во централниот дневник на МРТ.
Осврнувајќи се на иницијативата на Демократската унија за интеграција за формирање на анкетна комисија во Собранието за несективна правда за трагедијата во Кочани, Мицевски оцени дека оваа иницијатива е противуставна и на неа наместо потписи од 20 пратеници колку што треба, потпишани се само 16 пратеници.
– Информациите кои што ги имам, она што го поднеле Европскиот фронт како барање во Собранието е надвор од уставните норми, односно, за формирање на Анкетна комисија се потребни 20 потписи од пратеници, а тие во моментот имаат 16 потписи. И самиот наслов на таа aнкетна комисија, или онаа добивање на информација за состојбите е малку загрижувачка, имајќи предвид дека Собранието нема или Комисијата сама по себе нема истражна функција. Она што треба Собранието да го направи е да дојде до политичките заклучоци врз основа на она што се случувало за одредена состојба, случај или процес, рече Мицевски.
Посочи дека се отворени да зборуваат доколку има предлог согласно Уставот и законот.