ВМРО-ДПМНЕ најде нова забелешка за резолуцијата на Бундестагот – не пишувало Македонци


Од расправата во Бундестагот

 

Продолжува политичкото препукување меѓу двете најголеми политички партии. ВМРО-ДПМНЕ денеска ѝ најде нова забелешка на резолуцијата на германскиот Бундестаг затоа што во неа „никаде не се споменуваат Македонци“. Но ја фали бидејќи германските пратеници се залагат за борба против корупцијата и владеењето на правото.

„Резолуцијата во која се колне СДС, и порачува да се бори против корупцијата и криминалот, а никаде не се спомнуваат Македонци.

Резолуцијата на Бундестагот на која се повикува СДС во едно е децидна, а тоа е дека владата мора да ја зајакне борбата против корупцијата, и да работи на засилување довербата во судството.

Резолуцијата со која се фали СДС ѝ порачува на власта сето она што ВМРО-ДПМНЕ го зборува со години. СДС наместо да турка уставни измени под бугарски диктат, да се зафати со подобрување на состојбата во институциите, во периодот кој им остана.

На ова од СДСМ возвратија дека „ДПМНЕ почна да плука по резолуцијата на германскиот Бундестаг“, иако со неа добивме силна поддршка на патот кон ЕУ и признание за македонскиот јазик, идентитет, посебност и култура.

„ДПМНЕ не успеа ниту да убеди еден пратеник од нивната сестринска партија да ја поддржи резолуцијата, а сега ја напаѓа. Срамно. Знае ли воопшто ДПМНЕ каде тера и што прави? Или Левица даде знак па ДПМНЕ мора да ја следи затоа што Мицкоски не може да се оттргне од прегратките на Апасиев?“, велат од СДСМ.