ВМРО-ДПМНЕ најавува „значителни“ субвенции за централа на гас, а жестоко беше против кога беше во опозиција
Со процедури и бројни амандмани ВМРО-ДПМНЕ го спречија донесувањето на законите за стратешки инвестиции во енергетиката, за кои сметаа дека биле „криминални“
ВМРО-ДПМНЕ најави дека Владата ќе даде „значителни субвенции“ за изградба на централи кои ќе работат на природен гас, како една од клучните мерки за борба против загадувањето. Притоа, партијата си дава рок од еден и пол мандат, односно шест години, за да се почувствуваат ефектите од таквите мерки.
Колкави ќе бидат тие значителни субвенции, за сега не е познато, но истата партија кога беше во опозиција, жестоко се противеше за слични проекти кои беа доставени во Собранието, со образложение дека на странските инвеститори им се даваат премногу привилегии.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека решавањето на проблемот со загадувањето на амбиенталниот воздух бара системско делување и големи вложувања во заштита на животната средина кои ќе ги исклучат главните фактори на загадување.
„Главен столб во тој план е и стратешка инвестиција на гасна когенеративна централа, која ќе обезбеди топлинска енергија со значително и драстично намалување на загаденоста, а во исто време ќе произведува електрична енергија која ќе се користи во стопанството. И за таа намена, Владата ќе даде значителни субвенции кои ја поттикнат и забрзаат изградбата на централата“, велат денеска во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Според владејачката партија, „за период од околу еден и пол мандат власт на ВМРО-ДПМНЕ ќе се почувствуваат резултатите со почиста животна средина и почист воздух“.
Со идентични ставови завчера, при склучувањето на договор со компанијата „Бреинчајлд“, излезе и премиерот Христијан Мицкоски, кој на новинарско прашање што планира да преземе Владата за намалување на аерозагадувањето, рече дека Владата работи интензивно за решавање на проблемот, но дека чуда не треба да се очекуваат преку ноќ.
Тој образложи дека најголемиот фактор за загдување е начинот на кој што се затоплуваат домовите, каде што сѐ уште се користат дрва, но и масла, паркет, стари плакари и тн.
„Тоа е отприлика 60 отсто од причините зошто ние имаме загадување и висока емисија на ПМ 2,5 и ПМ 10 честички. И тоа не се решава преку ноќ. За тоа ќе треба време“, рече Мицкоски.
Според него, до сега не било ништо направено за решавање на овој проблем, па затоа сега се во потрага по партнери кои што „на основа на пазарни услови, а не на привилегирани“ како што биле оние од стратешките инвестиции во минатото, заедно со Владата ќе вложат во систем на затоплување на домовите кој што ќе биде резултат на согорување на природен гас, односно когенеративни централи, кои што ќе произведуваат и електрична енергија и топлина.
„Имаме во план да направиме неколку и на тој начин цениме дека барем за шеесетина проценти ќе биде намалено загадувањето, и почнуваме тоа да го развивавме“, рече Мицкоски, нагласувајќи дека тоа нема да биде веднаш туку „можеби за три-четири години од денес“.
Според него, ова е единствениот начин како веднаш да реагираме и да направиме нешто со кое што ќе успееме да го подобриме квалитетот на воздухот.
„Нема друг начин, магија не постои, чудо не постои“, рече тој, додавајќи дека ако почне денес да се работи и да се развива овој план, што и се правело, резултатите се очекуваат за три до четири години, обвинувајќи ја претходната влада дека „изминатите седум години ништо не направија“.
Меѓутоа, ВМРО-ДПМНЕ во годините кога беше во опозиција жестоко се спротивстави на сите проекти што тогаш ги предложи владата од областа за енергетиката, меѓу кои и за изградба на когенеративна централа.
Со процедури и бројни амандамни тие го спречија донесувањето на законите за стратешки инвестиции во енергетиката, за кои сметаа дека биле „криминални“.
Тогаш жестоко се спротивставуваа на давање субвенции на стратешки партнер, обвинувајќи го СДСМ дека без поддршка на коалициските партнери „турка закон со кој на грчка компанија ќе ѝ се даде државна помош од близу 50 милиони евра“, како и дека „дополнително ѝ се гарантира откуп на произведената струја и топлинска енергија по цени далеку повисоки од реалните“.
Тогашната влада предложи четири предлог-закони за стратешки инвестициски проекти –„Соларен парк Стипион“, Aim Green Tech, Митиленеос когенеративна постројка Скопје и соларна електрична централа Пехчево.
Дали идните централи ќе се градат под слични или поинакви критериуми останува да се сочека кога тие ќе бидат извесни. Но треба да се има предвид дека, изградбата на когенеративни централи сами по себе нема да го решат проблемот, доколку паралелно не се градат и топловоди кои произведената топлина во централите ќе ја доведат до домовите кои сега се затоплуваат на дрва или користат други материјали кои загадуваат.
Сето тоа исто така е проследено со значајни инвестиции кои пред сѐ ќе паднат на товар на граѓаните, доколку Владата не понуди и тука соодвенти субвенции. (М.Ј.)