ВМРО-ДПМНЕ најавува целодневна стража на гробот на Гоце Делчев


Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ на  родениот ден на Гоце Делчев ќе оддаде целодневна херојска стража на неговиот гроб, најавија од оваа квази организација на опозицијата. 

Патриотскиот институт и целото раководство во пресрет на одбележување на родниот ден на македонскиот херој Гоце Делчев ќе организира херојска стража и ќе има целодневно присуство на гробот на Гоце Делчев, затоа што Гоце е Македонија. Ги повикуваме сите граѓани почитувачи на делото на Делчев да изразиме заеднички мирна и достоинствена почит кон великанот, порачаа од овој институт.

Неговите членови наедно го  осудија шовинизмот и негаторските политики кои доаѓаат од Бугарија и се дополнително распламтувани од поединци од бугарската политика

-Упатуваме отворен повик до владата за поенергично реагирање во однос на негаторската политика и преземање на адекватни мерки кои ќе обезбедат почитување на нашиот идентитет и посебност. Секоја негација кон постоењето на македонскиот народ и неговите обележја треба да бидат проследени со протесна нота и реакција на македонските институции. Државата постои за народот, а не народот за државата.

Наместо констатации, анализи и седење со скрстени раце на државниот врв, кој кажа дека провокациите се дело на агентурни мрежи, да се преземат чекори на власта кои ќе значат спречување на туѓи пропаганди и агенди.

Гоце е Македонија и Гоце припаѓа на светот. Упатуваме повик до македонскиот народ, македонската Влада и сите добронамерници за достоинствено поклонување на гробот на Македонецот Гоце Делчев, порачаа од институтот.