ВМРО-ДПМНЕ: Место новогодишно украсување да се купат лаптопи за ученици


Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје бара наместо да се потрошат планираните 200 илјади евра за новогодишно украсување на градот, градоначалникот Петре Шилегов да ги донира за купување на лаптоп уреди за учениците.

-На расипничкото и безобѕирно трошење на парите на скопјани треба да се стави крај. Имено во деновите кога градот Скопје е најпогоден од корона заразата и луѓе умираат секој ден, на Шилегов му дојде до новогодишна забава. Тој распиша тендер за новогодишно украсување на Скопје од цели 200 илјади евра во време кога илјадници ученици не се во можност да ја следат онлајн наставата поради недостиг на компјутерски уреди.

Затоа како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција Обнова на Македонија бараме прифаќање на веќе еднаш одбиената иницијатива парите за новогодишно украсување да се пренаменат за купување на лаптоп компјутери за учениците кои немаат и не ја следат квалитетно наставата.Работата е најмалку дојдена до забава во време кога илјадници наши граѓани се борат за живот.

Кога Петре Шилегов можеше да ја помине првата година од мандатот без новогодишна прослава поради тоа што воздухот беше загаден, сега бараме не само поради загадениот воздух туку и поради тоа што Скопје е најпогодениот град во државата од корона кризата.Не е време за забава, туку време е да се спасуваат човечки животи. Доколку не ја прифати нашата иницијатива се покренува сомнеж дека Шилегов има некаков бизнис интерес од украсувањето на Скопје. Потсетување, за само неколку години се потрошени половина милион евра за новогодишни прослави, порачаа од советничката група.