ВМРО-ДПМНЕ ќе разговара со БЕСА за мнозинство во Советот на Тетово


Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ денеска потврди дека веќе ги започнале подготовките за разговори со Движењето Беса за формирање мнозинство во Советот на општина Тетово, јавува ТВ21. Ѓорчев рече дека не ја исклучуваат можноста во мнозинството да влезат и други партии.

„Веќе мислам дека преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Беса за мнозинство во Советот ќе се официјализираат во наредните денови, заедно само ВМРО-ДПМНЕ и Беса имаат 16 советници од вкупно 31, ова е мнозинство од почеток. . Ќе видиме дали некој друг ќе се приклучи на ова мнозинство“, рече Ѓорчев.

Ѓорчев смета дека со Движењето Беса ќе ја продолжат соработката што досега ја имале и во другите општини.

„Сметам дека со Беса ќе соработуваме добро и коректно, бидејќи и како што работевме досега во Советот минатата година, со нив коректно соработувавме, ги поддржавме проектите на градоначалникот на општината Билал Касами и очекувам така да продолжи и во иднина, таква соработка имаме и во голем број други општини, искуството е позитивно“, изјави тој.

Во Советот на Тетово влегуваат само 6 партии, од вкупно 13 листи со кандидати за советници, покажуваат првичните резултати на Државната изборна комисија.

Според број на гласови, процент на гласови и советници, БЕСА е апсолутен победник бидејќи сите овие параметри ги подобри од ланските избори, кога имаше 8 советници, а сега има 12.

Иако ДУИ изгуби, а има и помалку гласови од лани, во процент на гласови порасна, а сега има и еден советник повеќе, односно 11.

ВМРО-ДПМНЕ остануваат со четири, СДСМ со два советника.

Но ВМРО-ДПМНЕ иако има помалку гласови го зголеми процентот на освоени гласови и сега имаше над 11% освоени гласови (лани 10,6 %), додека СДСМ го намали бројот на гласови и процентот.

Дел од новиот состав ќе биде и 1 советник на Алтернатива, која на предходните избори настапуваше во коалиција со Алијанса за Албанците, која, пак, сега за само 15 гласа не успеа да обезбеди место во Советот, а во предходниот имаа 3.

Еден советник помалку има и ДПА.

Само 31 глас им недостасуваше за влез во Советот на независната листа Подобро за Тетово, која минатите избори имаше 2 советници.

За ВМРО ДПМНЕ овие избори се вовед во предвремени парламентарни избори.