ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи одземање на мандатот на Груевски
Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги охрабри пратениците од оваа партија да гласаат за одземање на пратеничкиот мандат на поранешниот премиер и долгогодишен лидер на партијата Никола Груевски, доколку оценат дека се исполнети законските услови за тоа. Со оглед на тоа што за одземање мандат на пратеник е потребно двотретинско мнозинство, сега се реални шансите Груевски да остане без мандат, поради шестмесечно неоправдано отсуство од законодавниот дом. На оваа тема утре претпладне ќе расправа Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, а конечната одлука е на собранискиот пленум.
Заклучокот од вечерашната седница на извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ го пренесуваме во целост:
-После извршените консултации со пратеничката група и врз основа на дискусијата на затворената седница на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ го донесе следниот заклучок: ВМРО ДПМНЕ опстојува на принципиелност, честитост, искреност и доследно применување на законите и Уставот на РМ, без оглед на политичката, општествената или било каква друга припадност, за разлика од непринципиелноста, криминалот, неправдата и селективноста во примената на законите и Уставот од страна на власта на СДСМ и Зоран Заев.
Водени од погоре кажанато, апелираме и ги охрабруваме пратениците во собранието на РМ да постапат на начин на кој неселективно ќе ги почитуваат законите и Уставот и во случајот со пратеникот Никола Груевски. Доколку се исполнети условите согласно закон и Устав за престанок на мандатот на г-динот Никола Груевски тогаш апелираме и ги охрабруваме пратениците во Собранието на РМ да постапат согласно законите и Уставот.
ВМРО ДПМНЕ смета дека политичкиот прогон на власта, селективноста во примената на законите, и штитењето на вистинскиот криминал кој го прави власта е разликата која треба да се подцрта и осуди од секој одговорен субјект.
ВМРО ДПМНЕ покажува на дело дека секој еден граѓанин е еднаков пред законите. Ова е пример кој треба вистински да го следи оваа неодговорна и неспособна власт на СДСМ и Зоран Заев, а веднаш после формирањето на новата Влада во РМ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати владеењето на правото, вистинската апликација на законите и битката против организираниот криминал и корупција без разлика на политичката припадност на сторителот на криминалот, се наведува во заклучокот на извршниот комитет.