ВМРО-ДПМНЕ ќе бара јавна расправа за законите за даноците
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во понеделник за кога е закажана седница на собраниската Комисија за европски прашања ќе побараат јавна расправа за трите закони од даночната сфера кои Владата ги означи со европско знаменце во обид да ги донесе. Ова го најави денес лидерот ан ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески во седиштето на комората во Скопје. Тој рече дека е добро јавноста да биде запознаена со аргументите од сите страни, кои трите закони ги афектираат.
Станува збор за измени на законите за данок на додадена вредност, за данокот на добивка и специјалниот закон за данок на солидарност, кој наиде на жестоки критики од страна на бизнис заедницата.
Oвие закони дојдоа во Собранието со, како што рече Мицкоски, „повторна злоупотреба на европското знаме“, поради што можностите се ограничени, а тоа значи дека дебатата би била на Комисијата за европски прашања ограничена во рамките на три дена.
Тој рече дека ваквата злоупотреба станува пракса на оваа влада што е многу погрешно и е спротивно на европското знаме и вредности кои што ги злоупотребуваат.
„Очекуваме дека од страна на мнозинството во парламентот ќе биде прифатена оваа иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ во текот на следната недела да има јавна расправа на која што стопанските комори, но и сите оние кои што се погодени од носењето на овие закони, ќе можат да дојдат и да го кажат својот став и своето мислење“, рече Мицкоски додавајќи дека не е оптимист, но дека се надева дека она што ќе биде кажано на јавната расправа да се земе предвид од страна на владата и министерството за финансии во креирањето на нивните политики.
Во спротивно, како што посочи, чувството на бизнисот, но и ставот на опозициската партија е дека компаниите кои што се дисциплинирани и кои што и досега ги плаќаат своите обврски и го полнат буџетот, дополнително се оптоваруваат на сметка на оние компании кои што не се дисциплинирани и се дел од сивата економија и не ги плаќаат своите обврски во буџетот.
Азески порача дека Комората ќе ги искористи сите средства што и стојат на располагање за да го спречи донесувањето на Предлог-законот за данок на солидарност.
„Ќе одиме до крај зашто мислиме дека нашите аргументи се издржани и ќе ги искористиме сите средства во Парламентот, кај претседателот на државата и кај Уставниот суд“, изјави Азески.
Нашата основна цел, додаде, е да ги искористиме сите демократски механизми кои ни стојат на располагање за во конструктивна дебата да докажеме дека нашите аргументи држат.
„Не смее да се извлекува теза и да се злоупотребува името на законот, бидејќи компаниите кои стојат зад нашето барање многу пати досега се докажале дека се солидарни. Покрај тоа, во барањето се потпишани и компании кои не потпаѓаат под удар на овој закон што значи дека се солидаризираат со бизнисот“, посочи Азески.
Нагласи дека е неопходно да се проверат сите механизми и сите институции како конкретно гледаат на работите кои ни се случуваат.
Инаку, вчера Стопанскта комора, како најголема бизнис асоццијација во земјава преку Клубот 100, упати допис до претседателот на Собранието, до премиерот и до министерот за финансии во кој ги изнесува аргументите за барањето на бизнис заедницата да запре донесувањето на предложениот Закон за данок на солидарност, по итна постапка со европско знаменце.
За Стопанска комора, носењето на Законот не претставува никакво усогласување со директивите и регулативата на ЕУ, напротив тоа е само злоупотреба на тие регулативи.