ВМРО-ДПМНЕ како телохранител на Трамп: Остро го нападна новинарот Сашо Орданоски

ВМРО-ДПМНЕ е шокирано од оценките на познатиот новинар за американскиот претседател, но не е шокирана што Трамп го нарече Зеленски „диктатор“


 

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ изутринава излезе со жесток напад преку три соопштенија и една прес-конференција против познатиот новинар Сашо Орданоски, кој вчера гостуваше во емисијата „Само интервју“ на Канал 5. Наспроти општата езгалтација од Доналд Трамп во ВМРО-ДПМНЕ и молкот на државните институции на неговите тврдења дека украинскиот претседател Володимир Зеленски бил диктатор и желбата на новиот Вашингтон Украина да ја претвори во колонија, Орданоски анализираше кон каде ќе водат ваквите потези.

Тоа, очигледно, не им се допаднало на ВМРО-ДПМНЕ, токму во моментот кога делегација на чело со премиерот Христијан Мицкоски е во САД на годишната Конференција на конзервативната политичка акција.

Оценките на Орданоски ВМРО-ДПМНЕ ги нарече „шокантни тврдења и навреди“ за американскиот претседател Трамп и наведе дека новинарот рекол оти американскиот претседател е „рекетар и неонацист, кој лаже“.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Ордановски бил близок до СДСМ, а од партијата немало ниту збор за „ваквите навреди, ниту осуда и ниту јавно оградување, што значи дека оваа партија и Венко Филипче се согласуваат со ваквите навреди кон важните стратешки партнери на државата“.

Па владејачката партија прашува дали СДСМ скршнал од прозападниот курс.

Во друго соопштение ВМРО-ДПМНЕ го нарече Орданоски „сива еминенција на СДС и еден од главните советници“ и наведува дека „со навреди го нападна претседателот Трамп, кого го нарече лажго и необразован… го нарече потпретседателот на САД Џеј Ди Венс неонацист“.

„Свесен ли е Венко Филипче која штета ја прави за државата?“, додава ВМРО-ДПМНЕ.

Нападите против Орданоски почнаа уште синоќа во провладините медиуми по неговото интервју, а продолжија и денеска. Ова е првиот посериозен напад врз новинари на новата влада, која досега, и покрај забелешките, се трудеше да биде коректна.

Орданоски вчера, меѓу другото, рече дека Трамп е идеолошки вљубен во Путин, оценка која е речиси општоприфатена во западните медиуми. „Теоријата на Путин е суверена демократија, според која државата и нејзиниот водач се пред сѐ, а потоа е сѐ друго. Тоа е добро познат модел и проучен од Американците и се работи за едно комплетно партизирање на институции, упад во судството, притисоци врз медиуми, ништење на парламентот односно Конгресот. Практично претседателот на САД станува со кралски овластувања. Нам тој модел ни е познат бидејќи со него бевме соочени пред десетина година. Тој модел сега се случува во САД. Во него се знае дека Европа му пречи на Трамп бидејќи Европа е еден од главните глобални промотори на либералната демократија“. Самиот Трамп пред два дена преку Белата куќа се означи себеси како крал.