ВМРО-ДПМНЕ: Јакимовски без оглас и одлука дал училишен простор на приватно училиште за јазици

Адријана Јакимовска Панчевска, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош, ги обвини градоначалникот Стевче Јакимовски и СДСМ дека дал на користење училишен простор и училници за дополнителни часови на правно лице без оглас и никаква постапка или одлука од Советот во Општина Карпош.
-Училиште за странски јазици отпочнало со предавање и вршење на дејноста во училиштето со знаење и согласност од страна на градоначалникот и без важечки договор за закуп. Дали и покрај големиот интерес за закуп на просториите изразен од страна на повеќе фирми и здруженија, просториите во 8 од вкупно 10 основни училишта во Карпош веќе се дадени на користење на фирма чија сопственичка беше кандидат за советник од ГРОМ во 2017 година и истата имаше тесни врски и соработка со СДСМ во изминатите пет години во Општина Карпош, користејќи ги училниците, наплатувајќи ги услугите од родителите и остварувајќи профит.
Воедно би сакале да потенцираме дека непрофитните спортски клубови кои беа досегашни корисници на салите во училиштата беа отстранети и оставени да се снаоѓаат и молат за простор како знаат и умеат. Најголемиот дел од децата во Карпош што тренираат во отстранетите клубови сега се приморани секојдневно да патуваат на тренинг во сали во другата страна на крајот од градот.
Би сакале јасно да им посочиме на директорите на училиштата дека интересот од договорите, соработката, самоволието се кај градоначалникот Јакимовски и СДСМ, но кај директорите останува кривичната одговорност од незаконското давање на просторот за користење.
Родителите, пак чии деца ги посетуваат дополнителните часови во училиштата би сакале да ги информираме дека приватните училишта незаконски и неосновано го користат просторот и затоа нема потреба и не треба да ги плаќаат уплатниците што им се доставени од страна на узурпаторот.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе гласа за одобрување на предлог одлуката за начинот и условите за давање на согласност на училишен простор и спроведување на други активности во врска со основните општински училишта на територија на Карпош кога точката ќе биде разгледувана на седница на Советот, порача Панчевска.