ВМРО-ДПМНЕ ја почнува процедурата за референдум


 

Лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски денеска напладне во Државната изборна комисија ќе достави иницијатива за одржување задолжителен референдум со прашање: Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Претседателот на државата Стево Пендаровски предупреди дека прашањето на опозицијата за референдумот е за прекинување на европскиот пат, додека за премиерот Димитар Ковачевски станува збор за неконзистентност и гледање лични, партиски интереси за задржување на функцијата на Мицкоски.

Отровно дрво, отровни плодови раѓа, вака Мицкоски вчера ја опиша актуелната ситуација со условувањата од страна на Бугарија за продолжување на преговорите со Европската Унија кои произлегуваат од Договорот за пријателство и најавените уставни измени со цел внесување на Бугарите и припадници на други заедници во земјата во Преамбулата на Уставот.

-Се додека не се напушти Договорот со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени, изјави Мицкоски нагласувајќи дека тие не се против тоа Бугарите да бидат дел од Уставот, но дека договорот е асимилаторски и треба да се напушти.

Постапката ќе почне со собирање 100 потписи за отпочнување на граѓанска иницијатива која потоа ќе биде доставена до Собранието, а со цел овозможување на постапка за собирање на 150 илјади потписи од страна на граѓаните на Македонија. Први на списокот, според Мицкоски, ќе бидат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ верува дека ќе нема опструкција во Собранието и оти иницијативата ќе помине таму. Откако ќе биде утврдена уредноста на иницијативата ќе започне собирањето 150.000 потписи потребни за одржување на референдумот. Очекувањата се дека референдумот би се одржал напролет, а за тој да биде успешен потребни се 910.000 гласови.

Мицкоски го повтори ставот дека со Договорот за пријателство со Бугарија е нападнат македонскиот идентитет и дека нашиот напредок во преговорите со ЕУ ќе зависи од преговорите на историската комисија.

-Немаме ништо против Бугарите да бидат дел од Уставот, но со што Бугарија покажа дека е добар сосед, прашува Мицкоски и додава дека „тие упорно тврдат дека не постои македонскиот јазик и Македонците“.

Доколку референдумот е успешен и треба да се напушти Договорот со Бугарија, Мицкоски рече дека може да се преговара за нов договор, но и дека преговорите со ЕУ може да продолжат.

Претседателот на државата Пендаровски и премиерот Ковачевски се против одржување на референдумот.

-На референдумот од опозицијата ќе добиеме прашање со кое во суштина македонските граѓани ќе ги прашуваат дали сакаат да престанеме да одиме кон ЕУ, рече претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање по седницата на Советот за безбедност.

Според Пендаровски, прашањето на опозицијата за референдумот е практично да го прекинеме европскиот пат.

-Значи, вие ако дадете поддршка на таков референдум – класичен антиевропски со прашањето, нема потреба понатаму да го менувате Уставот. Едното го исклучува другото. Накратко, она што го очекувавме тоа и го добивме. Добивме прашање со кое во суштина македонските граѓани ги прашуваат или ќе ги прашаат – дали сакате да престанеме да одиме кон ЕУ. Тоа е прашањето, рече Пендаровски.

ВМРО-ДПМНЕ возврати нарекувајќи го Пендаровски слуга на Владата и побара да каже како отфрлање на билатерален договор кој е основа за асимилација е антиевропски Референдум? Констатира дека ова е прв случај во историјата, Претседател на демократска држава да не сака да го слушне народот.

 

Премиерот Ковачевски во референдумското прашање гледа неконзистентност и гледање лични, партиски интереси за задржување на функцијата.

-Ние сме држава која почна преговори со ЕУ со чист македонски јазик, со заштитен идентитет и тоа е направено врз основа на предлог којшто го добивме од ЕУ, предлог којшто беше изгласан во Собранието и против кој предлог немаше ниту еден глас против. Тоа што опозицијата во моментов го прави, го прави единствено заради свои внатрешни партиски потреби – задржување на позицијата на, веројатно, нивниот претседател. Референдумското прашање тие веројатно ќе го достават до Собранието, истакна Ковачевски по седницата на Советот за безбедност, одговорајќи на новинарски прашања.

Во овој момент, нагласи Ковачевски, какво било спречување на продолжување на процесот на евроинтеграции на државата е правење штета на граѓаните и на македонскиот евроинтегративен пат.

Ковачевски смета дека и во опозицијата има европски блок на политичари кои го поддржуваат членството на земјава во ЕУ и дека тоа ќе се потврди кога уставните измени заради внесување на делови од други народи во Уставот ќе бидат ставени на усвојување во Парламентот, по сите консултации и по целата процедура.