ВМРО-ДПМНЕ ја даде концесијата за „Казандол“, сега вели дека ја спасил државата од пенали
Владата на ВМРО-ДПМНЕ го потпиша договорот за рудникот „Казандол“ во февруари 2015. По големите протести на локалното население владата на Зоран Заев го поништи договорот. Оттогаш трае арбитражната постапка

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска на прес-конфернција соопшти дека државата го добила случајот „Казандол“ и со тоа спасила 115 милиони евра како казна во арбитражната постапка. Николоски рече дека „можам со гордост да кажам дека овој случај го добивме, сите 11 основи по кои државата беше тужена се одбиени и заштедени се 115 милиони евра. Пресудата е целосно во наша корист“.
Но, Николоски не кажа ништо како дојде до арбитражната постапка и зошто државата беше тужена. И зошто за овој напуштен рудник за бакар претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ потпиша договор на 27 февруари 2015 година со компанијата „Сардич“ за експлоатација на рудата. Ниту пак за големите протести во регионот на Валандово и Богданци.
Во 2017 година, граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ побара да се стопира изградбата на рудникот преку организирање на локален референдум во Општина Валандово. Истата година, иницијативата побара од Советот на Општина Валандово да распише локален референдум, но точката не беше поставена на дневен ред поради противење на тогашниот градоначалник Николче Чурлиновски и ВМРО-ДПМНЕ.
Во мај 2017 година, Советот на Општина Богданци едногласно донесе одлука за распишување на локален реферндум, на кој граѓаните беа повикани на 11 јуни 2017 година да се изјаснат за две прашања: првото за запирање на изградбата на рудникот „Казандол“ и второто за дали ќе се дозволи каква било експлоатација на руда во границите на општината. Речиси едногласно граѓаните гласаа против изградбата на овој рудник и на други рудници на подрачјето на општината.
На 12 мај 2017 година, Советот на Општина Валандово сепак дозволи граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ да собере 2.000 потписи со кои локалната самоуправа ќе може да распише локален референдум. Во меѓувреме, Општина Дојран закажа референдум за две прашања за рудниците „Казандол“ и „Башибос“ на 18 јуни 2017 година. Сепак, одлуката за референдумот во Дојран пропадна откако тогашниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Борче Стамов, не ја потпиша и советниците повторно донесоа одлука за организирање на локален референдум на 23 јули 2017 година, но само за едно прашање – дали се за дозвола на отворање било какви рудници на територијата на општината. Исходот на референдумот беше речиси едногласно против отворање на рудници на подрачјето на Општина Дојран.
Во Општина Валандово референдумското прашање заглави во Советот на општината, при што претседателката на Советот Јасмина Сечкова не закажуваше седница на која ќе се изгласа ваква одлука. Подоцна, иако Советот на крај донесе ваква одлука, градоначалникот на Валандово ја стопираше истата одлука на Советот со решение, бидејќи, според него, таа не била согласно законските прописи. Најпосле беше распишан реферндум, кој беше неуспешен поради неисполнување на законскиот цензус.
По сите овие локални референдуми, новата влада предводена од Зоран Заев еднострано го раскина договорот, бидејќи концесионерот „Сардич МЦ“ не го исполнил условот да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар во рок од две години. Случајот потоа се префли во арбитражна постапка.
Како нов сојузник на граѓанските активисти против рудниците тогаш им се придружи и претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој во 2014 година овој рудник го најавуваше како нова инвестиција, но во обраќањето во 2017 со солидаризираше со граѓаните против рудникот.
„Југоисточна Македонија е на нозе. Моите сограѓани од мојот роден крај бараат стопирање на изградбата на рудниците Казандол, Иловица, Боров Дол… Тие се повикуваат на фундаменталното човеково право на здрава животна средина. Нивното барање е и мое барање“, рече тогаш Иванов.
Имаше повеќе новинарски истражувања за случајот „Казандол“ и неостварувањето на обврските од страна на компанијата „Сардич“, од кои најсеопфатно беше она на БИРН.
Еден од основните услови наведени во Договорот за концесија за експлоатација на бакар беше концесионерот во рок од две години да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50 отсто од експлоатираната руда, но тоа не беше исполнето.
Со неисполнувањето на овој услов, Владата има основа да го стопира овој рудник, рече тогаш за БИРН универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Сите јавно достапни документи во врска со рударскиот комплекс „Казандол“ ги разгледувало и Јавното обвинителство, откако граѓанското здружение „Спас за нас“ од Гевгелија достави пријава за основано сомневање за сторени кривични дела во оваа постапка.
Во пријавата се наведени низа недоследности во водењето на постапката.
На пример, одлуката да се спроведе Стратегиска оценка за влијание врз животната средина, којашто е анализа на влијанијата врз животната средина, животот и здравјето на луѓето, Министерството за транспорт и врски ја донело на 13 март 2015 година (истиот ден кога сегашниот министер за одбрана, Владо Мисајловски, тогаш стана министер за транспорт), што е речиси две недели откако Договорот за концесија веќе бил потпишан. (Н.В.)