ВМРО-ДПМНЕ: Измени нема, но избори мора да има


Уставни измени не се прават врз основа на натурање и диктат. Уставни измени под диктат нема да има, но предвремени парламентарни избори мора да има, порача денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

-По цела година сеење магла од страна на власта излезе на виделина дека во Собранието нема двотретинско мнозинство за уставни измени. Во Собранието нема 80 пратеници, а надвор од Собранието над 80 проценти од народот се противи на уставни измени под бугарски диктат, рече Мицевски на денешната прес-конференција во Собранието.

Нагласи дека уставни измени не се прават врз основа на натурање и диктат од надвор. Тоа според него, е газење на достоинството и интегритетот на државата и погазување на суверенитетот. Посочи дека власта е развластена не само поради тоа што не пројдоа уставните измени, туку, како што рече, и поради тоа што ја упропастија државата.

-Оваа власт е проблемот, а решението за тоа се избори. Уставни измени под диктат нема да има, но предвремени парламентарни избори мора да има бидејќи власта е делегитимирана, потенцира Мицевски.

Мицевски смета дека власта била арогантна и ги игнорирала нивните сугестии и дека изворот на проблемот, како што рече, датира од 2017 година, со потпишувањето на Договор со Бугарија.

-Прифатија услови за евроинтеграции кои ги немала ниту една земја пред нас, услови кои значат или вечни преговори или асимилација. Ја внесоа со својата кусогледост државата во ќор-сокак. Сите рационални сили во Македонија, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ, се обидоа да и пружат рака за да се излезе од ќор-сокак, но тие тоа го одбија и, да биде уште пострашно, ги етикетираа сите кои размислуваат поинаку од нив како антиевропски. Ширеа хистерии и поделби, но колку повеќе покажуваат очај, толку народот повеќе ќе ги казни на следните избори кои неминовно треба да се случат. Оваа власт е развластена не само заради тоа што уставните измени и се удрија од ѕид, туку затоа што ја упропастија државата…Оваа власт е проблемот, а решението на тоа се избори час поскоро и промена на власта, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.