ВМРО-ДПМНЕ: Информациите дека Мицкоски, наводно, барал бугарски пасош се бугарска пропаганда

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги демантира наводите на бугарскиот медиум „лупа.бг“ дека тој во 2008 година аплицирал за бугарско државјанство во конзулатот во Скопје, па се откажал, оценувајќи ги како бугарска пропаганда против Македонија.
„Информациите дека наводно Христијан Мицкоски барал бугарски пасош се производ на бугарската пропаганда против Македонија и нејзините платени слуги во самата држава. Ваквите удари и лаги се резултат на едноставната вистина – единствената и најсилна пречка за негирачките барања на Бугарија кон Македонија се ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.
Сликата е кристално јасна: од една страна е Венко Филипче, кој без никакви гаранции за македонскиот идентитет и јазик, се залага Бугарите да бидат внесени во Уставот; од друга страна е Христијан Мицкоски, кој ги стопира максималистичките барања и го брани националниот идентитет и македонскиот јазик. Затоа бугарската пропагандна машинерија со сите сили ги активира своите инсталации и соработници во обид да нанесат штета на македонските позиции“, вели партијата во соопштението.