ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се препукуваат кој е одговорен за „Скопје под вода“
СДСМ го повика Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ вината за вчерашните проблеми околу невремето да ги побара кај локалната власт предводена од неговата партија, која според нивна оценка – целосно потфрлила.
-Цветан Трипуновски наместо да се бламира како непознавач на надлежностите и функцинирањето на локалните самоуправи, како и на системот за авионско засејување облаци треба да им се обрати на јавните претпријатија и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. Локалните самоуправи предводени од ВМРО-ДПМНЕ и директорите на јавните претпријатија потфрлија при невремето што вчера попладне го зафати Скопје и околината.
Очигледно ниту каналите, ниту шахтите не се проверени навреме и не се исчистени соодветно. Над 10.000 домови беа поплавени, а ЈП водовод не презеде ништо.
Невремето предизвика хаос во сообраќајот, а Центарот за управување и контрола на сообраќајот не ги информираше граѓаните што се случува на сообраќајниците. На терен беше само полицијата и институциите од централната власт, а локалната власт никаде ја немаше. Што се однесува до споменатиот систем за авионско засејување облаци Трипуновски пред да излезе во јавноста треба да се информира и да знае дека се користи само за реагирање, одбрана и превенција на земјоделски површини. За последните три години процентот на заштита од град за земјоделските површини е 80%, реагираа од СДСМ на изнесените обвинувања и критики од Трипуновски претходно.
Трипуновски претходно побара оговорност од премиерот Димитар Ковачевски и од за „нефункционалниот милионски договор за спречување на непогоди“, со кој вчера не било спречено невремето.
-Секоја година, од 2020-та до денес владата преку УХМР плаќа над еден милион евра за набавка на услуги за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани. Секоја година,и покрај дадените еден милион евра народни пари ни се случуваат природни непогоди и штети од град низ целата држава, а тоа во текот на вчерашниот ден беше случај со Скопје и скопско поле. Ова е договорот кој секоја година, трипати д сега го склучува УХМР со Аероклуб Скопје и секоја година, преку буџетот се исплаќаат над еден милион евра народни пари. Овој договор доколку се почитува, ќе превенира секакви непогоди и нема да дозволи енормни штети, како што беше случај во текот на вчерашниот ден.
Во договорот јасно е наведено дека УХМР е должна да ја одржува исправноста на радари во период од 05.05.2022 година до 04.11.2022 година. И дополнително секој ден најкасно до 11 часот да достави билтен за временската состојба и прогноза на времето за тековниот ден, и истите да ги достави по меил до одговорното лице на давателот на услугата за спроведување на одбрана од град.
Од друга страна, Аероклуб Скопје се обврзува најкасно до почетокот на противградобијната сезона да инсталира автоматски агрегати и УПС уреди на радарските центри во Ѓуриште и Тополчани за непрекината работа на радарите. И истовремено неговите авиони да бидат спремни за полетување максимум 1 час по известувањето од дежурниот на радарскиот центар за можна појава на нестабилност во текот на денот.Ковачевски и УХМР да одговорат, дали нивните радарски центри го детектирале невремето и го известиле носителот на набавката за засејување на облаците, со цел истиот да ја превенира големата катастрофа која што се случи во текот на вчерашниот ден?
Доколку не го известиле носителот на набавката со цел да изврши превенција, очекуваме веднаш оставка од директорот на УХМР и Ковачевски како премиер, а потоа и кривична одговорност за истите. Доколку пак е известен и не постапил, ЈО веднаш да пристапи кон негово приведување и отворање на постапка. Зошто вчера од целосната катастрофа Скопје го спаси само навремената реакција на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, порача Трипуновски.