ВМРО-ДПМНЕ и Павле Трајанов ја нарекоа несериозна информацијата на Владата за францускиот предлог

Тие бараат Талат Џафери да ја врати информацијата назад во Владата затоа што била на еден лист хартија, без документите од ЕУ и Протоколот


Фото: Б. Грданоски

 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Павле Трајанов од ДС денеска речиси унисоно реагира за информацијата што ја испратила Владата до Собранието околу преговарачката рамка за преговорите со ЕУ. Нивното образложение е дека „не содржи ниту еден документ“. А особено поради тоа што го нема Протоколот меѓу Бугарија и Македонија.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на прес-конференција изјави дека Владата во Собранието пратила само еден лист хартија и ги нема важните документи, што, според него, е „класична девастација и девалвација на Собранието и класична злоупотреба и симнување на најниско ниво на законодавниот дом“.

„Материјалот што е стасан од Владата во Собранието се заснова на информација за предлог-преговарачката рамка од еден лист. Текст од една страна е целиот материјал што Владата го испрати за одлучување во Собранието врз основа на што пратениците треба да се изјаснат за иднината на Република Македонија. Срамота за државата, срамота за Владата, а уште поголема срамота за Собранието, коешто прима вакви документи“, рече Мицевски откако соопшти дека нивната Пратеничка група пратила барање до Џафери да ја врати Информацијата во Владата.

Тој реагираше зашто во испратениот материјал ги нема документот со заеднички став на ЕУ,  предлог-преговарачката рамка на ЕУ, односно општиот став на ЕУ, предлог-заклучучоците на Советот и билатералниот протокол меѓу нашата земја и Бугарија кој наводно е усогласен.

„Криењето на овие документи само ја зголемува загриженоста дека овој пакет на документи е штетен за Македонија. Апелираме до сите и до вас новинарите, да направиме заеднички притисок македоско-бугарскиот протокол да биде објавен веднаш. Ги повикувам и пратениците од власта да направат притисок, да ги добијат сите релевантни документи, вклучувајќи го и билатералниот протокол врз основа на коишто ќе можат да решаваат и да носат одлуки и да не дозволат да бидат повторно гласачка машина на веќе договорени процеси на Владата и челниците на Собранието. Ова е класичен пример за префрлање на одговорноста за штетниот француски предлог врз пратениците. Се работи за Меѓувладина конференција која ја одобрува и потпишува Владата, а не Собранието да ја задолжува Владата со заклучоци. Нема да дозволиме да се кријат зад нас пратениците и токму затоа го повикуваме Џафери да не го вовлекува Собранието во оваа игра на Владата, истакна Мицевски.

На прашање како ќе постапува ВМРО-ДПМНЕ ако информацијата биде ставена на дневен ред, Мицевски одговори дека ставот ќе биде изграден на координација на нивната пратеничка група. Според него, нема поента ниту да продолжат средбите  на партиските работни групи во Собранието во врска со францускиот предлог. 

Истото го изјави и Павле Трајанов. „Нецела страница  добивме вчера, мислам дека е тоа несериозен и неодговорен пристап. Претседателот на Собранието Талат Џафери не може ова да го прифати како информација зашто не ги задоволува деловничките критериуми за Собранието да може да расправа“, рече тој.

„Не е упатно пратениците да немаат вкупен материјал пред себе за да може да разговараат, а Владата чека поддршка“, рече Трајанов. И тој како и ВМРО-ДПМНЕ побара да бидат доставени и трите документи, како и Протоколот„бидејќи во него се содржани клучните елементи на кои се обврзува Македонија. Нема потреба да се крие од јавноста, да се отвори расправа за него, зашто тоа е пакет на документи што во основа треба да ги спроведува Република Македонија, независно оваа или некоја следна влада“, истакна Трајанов на прес-конференција.

Лидерот на Демократски сојуз рече дека од повеќе извори добил, како што рече, коментари, дека вчера имало  „обиди или подготовки за рушење на Владата“, дека тие информации ги разгледувал и државниот врв, но смета дека веројатно се работи за шпекулации. (Н.В.)