ВМРО-ДПМНЕ го „замрзна“ Пендаровски
ВМРО-ДПМНЕ бара лидерска средба, а се труди да не се одржи. Сега им пречи ако неа ја организира претседателот Стево Пендаровски, кој според нив го загубил кредибилитетот за организирање на лидерски средби откако на 13 август го доделил мандатот на Зоран Заев без доказ за поседување на парламентарно мнозинство, по што ВМРО-ДПМНЕ ги замрзнало односите со него.
-Таквото губење на кредибилитет потоа го потврди и со низа скандали врзани со неговото работење, како на пример она сведоштво на реисот кој објаснува на кој начин е избран Пендаровски, поточно според негова изјава со пари и земја кои му биле ветувани. Еве недели поминаа од таа изјава и нема никој од обвинителство кој го повика поранешниот реисот да ги истражи овие обвинувања.
Аналогно на замрзнатите односи, средба кај Пендаровски, кој остана без кредибилитет, кој е без свој став, или го следи ставот на Заев, не прифаќаме бидејќи споредено со искуството кое го имаме од минатото, многу лесно договореното се преиначува, а Стево редовно се “пере” од својата одговорност.
Оттука бараме средба со лидерите на партиите од власта и опозицијата на која ќе се дискутира за спорот со Бугарија, поточно ветото и се што е на маса, бидејќи јавноста и опозицијата е целосно исклучена од овој процес. Потоа да се дискутира за исклучително лошата состојба со корона кризата, како и потребата за широка влада наметната од тоа што по сериозните дебакли владата го загуби кредибилитетот да говори и работи за овие прашања, како преоден период до избори, стои во соопштението на партијата.
-Време е конечно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицоски да се договори сам со себе дали сака лидерска средба, каква лидерска средба сака и во која форма да биде таа, рече на денешната прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
– Соочен со нов пораз од граѓаните во Штип, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повторно недоследен во неговите барања и ставови и не знае што да каже, сведоци сме дека долго време нема воопшто изграден став за ниту едно клучно прашање, рече Кузеска.
Што одбива пак опозициската партија не е јасно, кога уште вчера од кај претседателот соопштија дека тој нема намера да свикува лидерска средба.