ВМРО-ДПМНЕ: Го осуетивме планот на власта
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека го осуетила планот на власта, на оската ДУИ – СДС и на поранешни функционери на опозицијата кои одлучиле да се стават на нивно располагање преку валкани дилови на штета на македонскиот народ.
„ Се потрди силната кохезија која ја има пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, од почеток до крај на сите 44 пратеници во однос на неприфаќање на уставни измени под бугарски диктат.Воедно, падна во вода и тезата која власта ја пласираше години наназад во јавноста дека партијата ја раководат други лица, затоа што различностите се очигледни денес.
ВМРО-ДПМНЕ е главен партнер на идната влада која ќе ги донесе промените кои и се неопходни на Македонија, а потоа ќе следи одговорност за сите кои во различни сфери и области направиле голема штета на Македонија“, се наведува во партиското соопштение.
Паралелно, Сашо Клековски од ВМРО-ДПМНЕ на телевизија Телма изјави дека неколку месеци се подготвуваат иницијативи со кои ќе се прават нови партии, нови настапи кои треба да го намалат изборниот резултат на ВМРО-ДПМНЕ
„За мене не е изненадување дека има комуникација помеѓу власт и Будимпешта. Првите информации за средбите ги објави Зоран Димитровски на една телевизија. Еден ден пред објавата во ВМРО-ДПМНЕ, имаше гостување на лидерот на ДУИ, Али Ахмети на една политичка емисија на која што тој тврдеше дека во врска со Кривичниот законик имале комуникација во состав Заев – Ахмети – Груевски“, истакна Клековски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ не преговара за уставните измени и дека тоа јавноста го знае, а измените во Кривичниот законик се изгласале за да се спаси власта од сторениот криминал.
„ВМРО-ДПМНЕ имаше дијалог со власта околу уставните измени, тоа беше лидерската средба со Ковачевски кога ВМРО-ДПМНЕ даде предлог на два моделитети, едниот со уставни измени со одложено стапување на сила па избори. А, другото беше избори, исполнување на одредени услови па уставни измени. Не е тоа тајна. Јавно беа презентирани предлозите“, потсети тој. Притоа, посочи дека ставот за уставни измени е единствен на ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога ВМРО-ДПМНЕ има внатрепартиски проблеми и расколи е склона да вели дека има тајни средби и средби преку поредници со СДСМ. Тоа е дефокус. Во ДПМНЕ нема кохезија по многу прашања. Тие се бројат и пребројуваат и меѓусебно се жигосуваат. Јас не ги бројам пратениците кој кого поставил. Има структури во ДПМНЕ кои се проевропски настроени и велат дека насоката во која се движи сега раководството на опозицијата не е добра, коментираше портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски, во емисијата 24 анализа на ТВ 24.
„ Јас кажав дека ниту сме имале ниту ќе имаме контакт со Никола Груевски. Груевски кога ќе стапне во државата ќе треба да одлежи затвор по правосилни судски пресуди. За нас главен фокус е дека оваа година е година на уставни измени за продолжување на европскиот пат“, вели Каевски и додава дека и Заев демантирал дека имало средби.