ВМРО-ДПМНЕ го обвини Шилегов дека снима шуми со дрон во пандемија, од Град Скопје им вратија
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвинува градскиот татко на Скопје дека сред пандемија дал милион денари за снимање шуми со дрон, а фирмата која го изведува снимањето е на партнерот на министерката за образование Мила Царовска.
„Пред две недели, на 4 март, Флај Кем, фирмата на „родител два“ во семејството на Мила Царовска, потпишува договор со Град Скопје за снимање со дрон за неверојатни 1.340 евра за прелетан километар квадратен над Скопје! Всушност, сопругот на Мила Царовска склучил договор со потписникот Петре Шилегов, за цела година, односно за 12 месеци, во вкупна вредност од 1.000.000 денари“, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција.
Ова се случува во неколку наврати, потенцира Стоилковски, па така додека годинава се снимаат шумите за откривање растителни болести, во 2019 година се снимале диви депонии во Скопје, за речиси иста сума од милион денари за една година.
Од Град Сопје му одговорија на Стоилковски дека покрај тоа што сме во пандемија Градот направил четири нови булевари, реконструирал цел клинички центар и ја изгради монтажната болница.
„Кога се завршува мостот на Вардар во Аеродром, кога секоја година се градат десетици километри нови велопатеки, подигаат илјадници квадратни метри нови зелени површини и истовремено се уредуваат запуштени јавни простори, се подигнуваат нови дрвореди, се уредуваат зелени покриви, кога светските организации за мерење на загадувањето на воздухот бележат континуиран пад на загаденоста во Скопје, кога низ градот се движат 33 нови МАН автобуси на гас, се пробива и расчистува кејот на Вардар и кога после 30 години управување со Град Скопје, градоначалникот Шилегов успеа за само три години да го доведе градот пред набавка на трамвај на тркала, логично е дека оваа партија ќе нема што друго да прави освен да измислува скандали и да пласира лажни вести“, додаваат од Град Скопје.