ВМРО-ДПМНЕ го обвини Филипче за тендер за реагенси во 2018


Миле Лефков

 

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со нападите на новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче. Претставникот на партијата, пратеникот Миле Лефков, денеска го обвини Филипче дека како поранешен министер за здравство и тогашниот премиер Зоран Заев, во 208 година направиле скандалозен тендер за набавка на реагенси.

„Венко Филипче и Зоран Заев ги врзува една силна врска, тоа се меракот за пари и коруптивни зделки. Да потсетиме овие двајца браќа по криминал и корупција уште во 2018-та година се врзаа во еден скандал, едниот како премиер, другиот како министер. Имено во 2018-тата година Филипче го спроведе скандалозниот тендер за централизирана набавка на апарати и реагенси за лабораториите за испитување на крв во јавните здравствени установи низ цела Македонија. ‘Крвавиот тендер’ на Филипче тежок 35 милиони евра предвидуваше монопол во набавката на реагенси, а сето тоа ќе го добиеше компанија формирана неколку месеци пред тендерот.

Оваа компанија раководена од тотални анонимуси и без било какво претходно искуство за набавка или продажба на медицинска опрема, беше фаворизирана уште со самата тендерска документација.

По огромниот и голем притисок на јавноста и ВМРО-ДПМНЕ Филипче го поништи тендерот. Обвинителството остана немо“, рече Лефков.