ВМРО-ДПМНЕ го нареди и Андреј Жерновски на листата на домашни предавници

Откако поранешниот градоначалник, заменик-министер и амбасадор, Андреј Жерновски, јавно запраша дали е вистина тоа што го пишува бугарскиот медиум „лупа.бг“ дека во 2008 Христијан Мицкоски наводно аплицирал за бугарско државјанство, ВМРО-ДПМНЕ веднаш го додаде на својата листа „домашни предавници“.
Жерновски на Фејсбук напиша:
„Граѓаните, но и дипломатскиот свет, ги интересира одговорот на следново прашање: ДАЛИ МИЦКОСКИ ПОДНЕЛ БАРАЊЕ ЗА БУГАРСКО ДРЖАВЈАНСТВО?
Нека ни одговори премиерот на сите дека оваа вест е лажна и готово. Ја затвораме темата и сите заедно ќе ги критикуваме бугарските медиуми и оние кои стојат зад нив дека злонамерно и подмолно пласираат дезинформации. Искрено се надевам дека сето ова е една голема лага.
Секој македонски граѓанин има право да аплицира за друго државјанство. Мотивите се индивидуални, во најголем случај економски. Но, ако тоа го прави некој политичар, кој сега е и претседател на македонската влада, и кој на таа позиција во голема мера дошол градејќи кариера на голем патриот и војвода кој, нели, немилосрдно се пресметува со бугарските политики, тогаш тоа е веќе сосема друга работа.
Не може ‘Не спомнувајте ми ги повеќе Бугарите’ со ‘Сакам бугарски пасош’. Не оди, нели?
Да потсетам дека за да започнеш постапка за добивање на бугарски пасош, мора да се изјасниш дека имаш блгарско самочувствие. Ова најдобро го знае неговата министерка, која ни после 10 месеци сѐ уште не се сеќава дали има бугарска самосвест и за тоа го консултира адвокатот. Истотака, мораш СВОЕРАЧНО ДА ПОТПИШЕШ ДЕКА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ Е БУГАРИН, односно дека сите македонски дејци се Бугари. Белким не го сторил ова.
Војводо, македонската нација го чека твојот одговор!“
Во одговорот на ВМРО-ДПМНЕ Жерновски беше ставен и како пион на некои тајни служби
„Се здружија сите домашни предавници, штом Бугарија доживеа тежок пораз во АФЕТ. Од плакарот на тајните служби прво го извадија Апасиев. Не им успеа!
Па следуваше новата наредба од темните ходници во Софија: Жерновски да биде полигонот преку кој ќе ја започнат новата тура на лаги против премиерот и Македонија.
Жерновски, внукот на бугарскиот кмет Жерноф, во духот на семејната историја се јави – по којзнае кој пат одработува, јавно и сервилно, за истата таа агенда која сака да го избрише ВМРО од историјата, да го релативизира македонскиот идентитет, и да ја направи Македонија заложник на туѓи интереси.
Но, нема да им успее. Македонскиот народ знае кој се бори за него, а кој тргува со туѓи агенди.
А каква само трагедија е тоа што повторно го потценуваат народот. Тие што ја предадоа и ја продадоа државата, сега, со истиот тој ѓон од образ со кој не потпишаа и нѐ понижија, се осмелуваат да зборуваат за пасоши против оној кој денес со сите сили се обидува да го заштити она што тие го уништија.
Воедно, ја користиме оваа прилика да ја информираме јавноста дека бугарската културно-уметничка инсталација во државата, Андреј Жерновски, има сериозна амбиција да стане нов лидер на СДС. Охрабрен од своите спонзори и внатрешен круг кој тоа повеќе и не го крие, го гледаме како секојдневно е активен со ‘храбри’ статуси и напади, кои потоа со трчање ги пренесуваат неколку познати медиуми“.