ВМРО-ДПМНЕ го нарече премиерот Ковачевски „будала“

Премерот правел „будала од себе“ што го штител Џафери, кого опозицијата го нарекува „примитивецот од Форино“


 

Речникот во политиката одамна е отиден под долните граници, но секогаш има можност да се оди уште подолу.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во денешеното стандардно утринско соопштение му го прилепи епитетот „будала“ на премиерот Димитар Ковачевски околу неговите (не)реакции на скандалозната снимка на спикерот Талат Џафери во Собранието, која е полна со навреди до вработени. Во истото соопштение ВМРО-ДПМНЕ го нарекува Џафери „примитивецот од Форино“.

„Ако падне Талат Џафери паѓа владата, затоа Ковачевски прави будала од себе и не смее да го осуди дивеењето во Собранието. Ковачевски е толку уплашен од Џафери што вчера мораше да гледа и фудбал со него, само за да покаже пред јавноста дека стои зад Џафери, и да го понесе срамот врз себе.

До кога Ковачевски ќе продолжи да прави будала од себе за да не му излезе ДУИ од влада?

Сите го слушнаа Талат Џафери како пцуе вработени во собранието и врши мобинг врз нив, само Ковачевски едвај чека јавноста да заборава на случајот, за да не мора да го осуди Џафери и да не му се налути ДУИ. Ковачевски само за да остане на власт е подготвен да премолчи сѐ, па дури и малтретирањето на вработените во собранието од страна на Џафери.

Ковачевски е подготвен на сѐ, па дури и да се слика со примитивецот од Форино, додека цела јавност се згрозува, само да поседи уште некој ден во фотелјата во влада“, се вели во соопштението на опозициската партија.