ВМРО-ДПМНЕ го нападна Трендафилов, ја направил ССМ приватна фирма

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ССМ станала приватна фирма на Слободан Трендафилов и дека за само една година луѓето околу него земаат „милиони“ во вид на плати и додатоци. Ваквата реакција уследи откако ССМ најави голем протест поради немањето слух на власта за барањата на синдикалците околу платите.
-Синдикалците на батерии, на чело со Трендафилов, земаат над милион денари годишно во вид на плати и додатоци. За ова да е уште потрагично, овие пари ги земаат од донациите кои синдикалците со ниски примања ги даваат на ССМ. Лажните синдикалци кои го предводат ССМ се богатат на маката на работниците. Затоа, работниците кои членуваат во ССМ, се длабоки разочарани од раководството на чело со Трендафилов.
Разочараноста на членовите на ССМ од актуелното раководство е тоа што истите тие го имаат претворено ССМ во приватна фирма и ги користат благодетите на истата. Додека ги гледаат во очи и ги лажат синдикалците, Трендафилов и останатите синдикалци на батерии, инкасираат милионски суми во нивните џебови на грбот на работниците, синдикалци.
Трендафилов и луѓето со кои што одработува за СДС, земаат за 3 или 4 плати поголеми од минималната плата. Затоа тие немаат реална претстава за маката на граѓаните. Политиканството на Трендафилов и ССМ, мора да престане, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ , во проѕирен обид да се занимаваат со луѓето место со темата и да фабрикуваат раздор во ССМ.