ВМРО-ДПМНЕ го брани Славески, не бил само тој партиски гувернер


ВМРО-ДПМНЕ реагираше на обвинувањата од СДСМ дека предлогот на претседателката Гордана Силјановска Давкова за гувернер на НБРМ бил „теснопартиски“ и дека таа им слугува на интересите на владеечката партија. Според нив, Славески не е прв партиски гувернер бидејќи таков именувале и СДСМ. 

-Забораваат дека претседател на политичка партија, претходничка на нивната СДСМ, во 2004 беше назначен за гувернер на НБРМ непосредно по вршењето на функцијата министер за финансии во влада предводена од СДС. Господинот Петар Гошев, кој, исто така, претходно бил пратеник во Собранието на Република Македонија во два собраниски состави, остана на гувернерската позиција цели 7 години.

Исто така, сакаме да ги потсетиме СДС дека професорот Трајко Славески своевремено во раните 1990-ти години остро го критикуваше грабежот на општествениот капитал што го изврши тогашното раководство на СДС, во полза на македонските олигарси. Со тоа стотици илјади работници останаа без работа и без средства за егзистенција. Во тој период, штитејќи ги правата на работниците за праведна приватизација, професорот Славески беше неформален советник на тогашното раководство на Сојуз на синдикатите на Македонија. Синдикалното гласило „Трудбеник“ во 1995 година го прогласи за „економист на годината“.

Професорот Славески секогаш се залагал за унапредување на општиот интерес и бил во служба на напредокот на Република Македонија, наспроти интересите на тесни групи за интерес, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.