ВМРО-ДПМНЕ ги прозва Народната банка и Фискалниот совет, молчеле за „фискалната провалија“ на Владата


 

ВМРО-ДПМНЕ денеска јавно ги прозва Народната банка и Фискалниот совет заради тоа што не реагирале досега на политиките на Владата кои го зголемиле јавниот долг и не овозможиле економски раст.

Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, преку видео обраќање и соопштение до медиумите рече дека Владата на СДСМ и ДУИ ја турнала земјата „во фискална провалија“, посочувајќи на податоците за растот на домашниот бруто-производ од само еден отсто за минатата година, поради што јавниот долг се искачи на 62 отсто од БДП, што е над Мастришките критериуми, но и за стапката на буџетскиот дефицит, која се искачи на 4,9 отсто од БДП во 2023 година, наспроти планираната стапка од 4,6 отсто .

„Каде е Народната банка, барем еднаш, да алармира за фискалната недисциплина, која во континуитет ја нарушува каматната политика? Народната банка ги поскапува каматите за бизнисите и населението да не трошат, за да се стопира инфлацијата, ама оваа власт си троши без контрола. Каде е Народна банка јасно да застане зад ова презадолжување на Владата? Ги нема“, вели Димитриеска Кочоска во обраќањето.

Овие податоци беа повод и за ставање на тапет и на Фискалниот совет кој беше формиран неодамна.

„Длабоко го прекршија фискалното правило за буџетски дефицит од 3 отсто од БДП кое стои во закон и тоа втора година по ред. Каде е новоформираниот Фискален совет да интервенира? Да укаже на оваа огромна неправда за граѓаните“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Таа денеска се осврна на податоците за растот на БДП за минатата година кои беа објавени од страна на Државниот завод за статистика, кои според неа, „сведочат за погубната состојба на македонската економија, на државниот буџет и јавниот долг“.

„Во 2023 година македонска економија има реален раст од – внимавајте, само 1 отсто, а планираа 2,9 отсто. Растот којшто го испорачаа е за три пати понизок од она што го планираа. Растот е погубен и најнизок од сите земји во регионот кои пораснаа со Црна Гора 6,6 отсто, Албанија 3,5 отсто, Хрватска 2,8 отсто и Србија 2,5 отсто“, посочи Димитриеска Кочоска, додавајќи дека во иститот период имало и реален пад од 17 отсто на бруто-инвестициите, наспроти планираниот раст од 5 отст.

Според Димитриеска-Кочоска, неиспорачувањето на реален раст на економијата и грешката во проекција за БДП дефлаторот придонесе за низок годишен раст од само 4,7 отсто на номиналниот БДП, а не од 11,4 отст – колку што беше планирано. Ова ги измести соодносите на јавниот долг како процент во БДП и на буџетскиот дефицит како процент од БДП.

„И што е резултатот? Фантастични 62 отсто од БДП се искачи јавниот долг на крајот од 2023 година и ја надмина границата утврдена со Мастришките критериуми на ЕУ од 60 отсто. Неверојатни 8,5 милијарди евра е состојбата на долгот на крајот на 2023 година или оваа власт дополнително не задолжи за 3,8 милијарди евра за само 7 години“, рече Димитриеска Кочоска, додавајќи дека политиката на задолжување не престанува, , па за два и пол месеци на 2024 година има креирано нов долг на домашен пазар на хартии од вредност од 237 милиони евра.

Димитриеска Кочоска исто така рече дека во наредните пет години стасуваат обврски од 1,8 милијарди евра за плаќање на камати, или 360 милиони евра годишно, „пари со кои можеа да се изградат патишта, училишта, градинки, да се зголемат плати, пензии“.