ВМРО-ДПМНЕ ги „охрабрува“ европските лидери да ја разгледаат позицијата на партијата


 

Откако Делегацијата на ЕУ во Скопје денеска соопшти дека „заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 се јасни – да се спроведат уставните измени“ и потоа да се одржи втората меѓувладина конференција“, ВМРО-ДПМНЕ попладнево соопшти дека нивната „последна и конечна позиција“ е тие да се ефектуираат по завршените преговори за членство во Унијата.

Уште, партијата изјавува: „Го охрабруваме Европскиот совет сериозно да ја разгледа позицијата на ВМРО-ДПМНЕ и заедно да овозможиме иднина на македонските граѓани со сочувано достоинство и идентитет“.

ВМРО-ДПМНЕ нагласува како секогаш дека не било дел од процесот со кој се создаде проблемот и прифати т.н., француски предлог од страна на владата на СДСМ и ДУИ.

„Партнерството подразбира двонасочна улица и очекуваме така да бидеме третирани од страна на нашиот партнер ЕУ. Уставни измени според бугарски диктат, содржани во предлогот прифатен од владата на СДСМ и ДУИ нема да прифатиме.

Ефективни уставни измени после успешно завршени преговори и членство во ЕУ за Македонија, тоа е последната и конечна позиција на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку ЕУ навистина сака да ја види Македонија во ЕУ, ова е одлична позиција за компромис и продолжување на процесот“, велат од партијата.