ВМРО-ДПМНЕ ги напаѓа судиите за пресудата за модуларната болница

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно обвини дека македонските судии се ставиле во служба и во корист на избрани лица во политиката.
„Судската пресуда за Модуларната болница во Тетово, не е во служба за задоволување на правдата, таа единствено е во служба и во согласност со волјата на Венко Филипче и Али Ахмети.
Ниска и срамна е пресудата од по една година и шест месеци казна затвор за тогашните директори на тетовската болница, за случај во кој на 8 септември 2021 година, живи изгореа 14 луѓе. А, Клиничка болница Тетово, која беше прогласена за виновна како правно лице, треба да плати околу 16-тина илјади евра.
Оваа пресуда само покажува дека во правосудниот систем има луѓе кои се под директно влијание на СДС и ДУИ, поединци кои не судат по закон и правни норми, туку исклучиво по волјата на СДС и ДУИ.
Оваа, надвор од сите правни норми пресуди, не обврзува да ги повикаме надлежните да почнат постапка за разрешување на оние кои се инволвирани во носењето на оваа срамна пресуда за трагедијата во модуларната болница во Тетово.
Исто така, ја повикуваме и Управата за јавни приходи да го испита потеклото на имотот на судијата кој ја донесе оваа срамна пресуда“, се вели во соопштението на партијата.