ВМРО-ДПМНЕ дури сега ќе бара експерти да направат план за загадувањето
Имплементацијата на мерки кои ќе бидат предвидени во План за управување со квалитетот на воздухот во Скопје ќе ја подготвуваат експерти со докажано искуство и со успешни проекти зад нив, а не ПР-кампањџии, пишува советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Град Скопје.
„Мерките од овој план ќе бидат поддржани од градските власти и ќе се бара мерливост на резултатите и отчетност во реализацијата. За дел од мерките ќе бараме помош при финансирањето, а дел од мерките од овој план ќе се финансираат од пари на граѓаните и тие не смее веќе да се трошат како до сега, во проекти со сомнителен квалитет, без мерливи резултати и подготвувани од аматери“,се вели во објавата на советниците на Фејсбук.
Тие во објавата посочуваат дека прашањето на чистиот воздух е прашање на „нашето здравје и здравјето на нашите деца“ и дека нема да го доверат на некој што само брои лајкови и создава паника кај граѓаните.
„Прашањата поврзани со квалитетот на воздухот ќе ги решаваме со вклученост на вистински стручњаци, затоа што се работи за здравјето на нашите деца, а не на кариерата на некој опозициски советник. Светските примери на градови кои влегле во борбата со аерозагадувањето и успешно се борат, покажуваат дека посветената борба трае долги години и не започнува со ПР акции на денот кога воздухот е најзагаден, туку со систематски поставен План за управување со квалитетот на воздухот и имплементација на неговите мерки“,се вели понатаму во објавата.
Скопје неколку дена по ред е на врвот по загаденост во Европа, што дополнително ги загрижи граѓаните, а стана тема на која власта и опозицијата секојдневно се обвинуваат меѓусебно чија е вината за загадениот воздух.
Аерозагадувањето и сезонскиот грип ја полнат болницата во Козле со болни деца. Во моментов, низ амбулантите во клиниката на преглед поминале околу 150 деца додека хоспитализирани се 60 деца најмногу со респираторни инфрекции, пневмонии, астма и бронхиолити. Најмалиот хоспитализиран пациент има само два месеци.
Претходно денеска, опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) побара во Скопје да биде прогласена еколошка и здравствена кризна состојба поради виското ниво на аерозагадување во главниот град што се бележи изминатите неколку дена.ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека лицемерно било што СДСМ го наметнува аерозагадувањето во фокусот на јавноста.
Инаку, Македонија е меѓу најлошо рангираните земји во Европа, со повисоко ниво на загаденост од Србија, Полска, Бугарија, Италија и Романија, а далеку полошо стои од земји како Германија, Франција, Австрија, Словенија и скандинавските држави.
Според најновото глобално рангирање на квалитетот на воздухот, Македонија попладнево се наоѓа на деветтото место во светот, со индекс од 159, што ја става меѓу најзагадените држави на планетата. Пред неа се земји како Индија, Пакистан и Бангладеш, кои со години се познати по сериозни еколошки проблеми, но зад Македонија остануваат бројни индустриски и густо населени држави.
Во европски контекст, позицијата е уште поалармантна. Македонија е меѓу најлошо рангираните земји во Европа, со повисоко ниво на загаденост од Србија, Полска, Бугарија, Италија и Романија, а далеку полошо стои од земји како Германија, Франција, Австрија, Словенија и скандинавските држави. Ова укажува дека проблемот не може да се сведе само на временски услови, туку е резултат на долгогодишни структурни слабости.
Долготрајната изложеност на загаден воздух носи сериозни ризици по здравјето. Медицинските истражувања покажуваат дека ПМ честичките продираат длабоко во белите дробови, а дел од нив навлегуваат и во крвотокот. Последиците вклучуваат зголемен ризик од респираторни заболувања, астма, хронична опструктивна белодробна болест, срцеви и мозочни удари, како и зголемена смртност кај ранливите категории.