ВМРО-ДПМНЕ договори стратегија за уставните измени, СДСМ им порача дека ова им е последна шанса


Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во петок, кога е закажана пленарната седница за уставни измени, нема да гласаат за отворање на Уставот. Никола Мицевски, координатор на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, посочи дека стратегијата нема да ја најават, туку ќе остават сите да ја видат на лице место за време на седницата.

Посочи дека со аргументи ќе објаснат зошто не гласаат. Мицевски тврди дека притисоци кон пратениците нема, а се надева дека предлогот ќе биде ставен на гласање, за да се види дека нема доволна поддршка.

„Пратеничката групата на ВМРО-ДПМНЕ имаше редовна координација, овојпат пред самата седница каде е предложена точката за уставни измени. Остануваме на континуираниот став дека измени на Уставот во ваков формат, под бугарски диктат не се возможни и нема да поддржиме. Ставот го кажавме и на Комисијата, кога посочивме дека власта турка процес кој не е поддржан од граѓаните“, кажа Никола Мицевски, координатор на пратениците.

Посочи дека по ова се очекува одговорност.

„Овој процес ќе биде можност за сите се да уверат дека власта лаже и манипулира. Се е магла околу уставните измени и  не се ни блиску до уставни измени. Тоа значи дека власта е разголена и дека нема друг адут освен лагите и манипулациите. Ова се случува секогаш кога народот ќе се потцени и кога личните интереси ќе бидат пред државата. Тие купуваа време со очекувања, а сега станаа жртви на своите лаги“, додаде тој.

Координаторот посочи дека немаат притисоци.

„Има поддршка од граѓаните и народот, кои секојдневно на улица не сретнуваат и ни кажуваат да истраеме“, додаде Мицевски.

Прашан дали ќе дебатираат на седницата, Мицевски рече дека аргументирано ќе објаснат исто како и на Комисијата за уставни прашања .

Собранието за в петок има закажано седница на која единствена точка на дневен ред е усвојување на уставни измени и вметнување на Бугарите и други пет етнички групи во Уставот на државата. Токму вметнувањето на Бугарите во Уставот е потребно за земјава да ги продолжи европските интеграции и да се одржи втората меѓувладина седница и да продолжат пристапните преговори со ЕУ. 

Од СДСМ,пак порачаа, дека сите пратеници во Собранието, вклучително и опозициските, треба да покажат одговорност, да се приклучат на проевропскиот блок, и да дадат поддршка за уставните измени.

– Во петок на осумнесети е закажана седницата со единствена точка на дневен ред а тоа е предлог за пристапување кон измени на Уставот, предлог доставен од страна на Владата. Очекувам сите 120 пратеници да се стават на висината на задачата, да ја сфатат одговорноста којашто сите ја имаме пред граѓаните. Ова на Мицкоски му е последната можност да се приклучи кон проевропскиот блок. Мицкоски и ДПМНЕ ја имаат можеби последната шанса да покажат чуство на одговорност пред граѓаните затоа што наша обврска како политичари е да им обезбедиме сигурна иднина на граѓаните. Како што нашите предци овозможиле услови да живееме во слободна,самостојна и суверена држава, така и опозицијата да се приклучи и заеднички да создадеме просперитетна Македонија во која идните генерации ќе ја планираат иднината дома, рече пратеничката Фаница Николоска.