ВМРО-ДПМНЕ чека одговор што нема да дојде од Бугарија


ВМРО-ДПМНЕ испрати денес соопштение со кое ја оживува идејата за заедничка резолуција за македонскиот јазик и идентитет во Европскиот парламент, што ја отфрлија сите кај нас и ја прогласија за „руски рулет“. Уште повеќе од власта јасно кажуваат која им била намерата, т.е. да покажат дека Бугарија не е искрена кога вели дека само внесување на Бугарите во Уставот е услов за преговорите на Македонија со ЕУ, иако реално од Софија тоа не го кажуваат така, туку се повикуваат на Договорот за приојателство во секоја прилика, на Преговарачката рамка и на Протоколот.  

-Помина извесно време откако ја повикавме соседна Бугарија за поднесување на заедничка резолуција во Европскиот парламент, за заштита на македонскиот идентитет и јазик. Една ваква резолуција поддржана од двете држави, меѓу другото, ќе ја врати и зголеми довербата помеѓу Македонија и Бугарија,  се наведува во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа ние ќе стекнеме доверба во нивните намери, кога велат дека проблем за почнување на преговорите со Европската Унија се само внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.

Но, Бугарија сеуште никаде ја нема да соопшти став по овој предлог на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски. Нашето изнесување на овој предлог беше од причина јавно и јасно да се покажат бугарски намери. Бугарија би го прифатила предлогот и заедно би ја поднеле резолуцијата, ако е искрена додека вели дека не го оспорува нашиот идентитет и јазик. И второ, доколку не е искрена, тогаш Бугарија по секоја цена ќе ескивира и нема да ја поддржи идејата за заедничка резолуција, порачуваат од партијата.

Според оценката, и во моментов сме сведоци како соседната држава бега од оваа идеја, а со тоа го покажува и нејзиниот вистински став кон Македонија, кој „не ниту демократски, ниту добрососедски, а ниту пак човечки“.

-Тоа што се зборува од некои кругови во Бугарија го отсликува наративот на целосна негација на македонската самобитност, нешто што се поистоветува со ставот на Русија кон Украина и украинскиот народ.Ние Македонците немаме потреба од некакво признавање, затоа што добро знаеме кои сме и што сме, а и светот добро знае. Но, негирањето кое доаѓа од страна на Бугарија е опасен преседан кој во темел би ги поткопал основните човекови права.

Ваквото негирање на цел еден народ на јавна сцена, треба да го вклучи алармот на цивилизираниот европски свет. Европската Унија не треба да дозволи да Македонија да биде жртва на политики и практики од 19 век, кои се политики на негација на самобитноста на македонскиот народ, налик на тие што против Украина ги применува Русија.Македонија не бара многу, бара само како македонски народ да имаме ист третман како сите останати, затоа што ние сме добар сосед и рамноправен член на НАТО кој активно придонесува кон европската безбедност, стои во соопштението на ВНМРо-ДПМНЕ.