ВМРО-ДПМНЕ: Бркањето на 100-те вработени во Водовод е неразумен потег


Препукувањата на релација ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска продолжија и денес. Од партијата ја повикаа градоначалничката своите  фрустрации да не ги истура врз недолжни луѓе вработени во ЈП Водовод и Канализација – Скопје.

-Најавата за отпуштање на 100 лица, од кои дел се наследени од претходното раководствo и работат чесно веќе две па и повеќе години е крајно бесмислен и неразумен потег. Арсовска неформално позната по реченицата “од утре да го нема“ нареди да ги нема 100 вработени во ЈП Водовод и Канализација, оставајќи без работа и без егзистенција. Можеби нервозата на градоначалничката е резултат на извештајот на ЕИБ, кој ги негира нејзините обвинувања и потврдува дека тендерската постапка за изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје е водена правилно. Но нејзините лични чувства не смеат да бидат причина да им се осветува на вработените во јавното претпријатие.

Впрочем за тоа дека Арсовска не е во право говорат и апелите на гранковите синдикати при ССМ, особено ако се има предвид економската состојба во која се наоѓа државата и егзистенцијата на 100 семејства од платата во ЈП Водовод и Канализација.Патем инспекцискиот надзор од пред два месеци направен од страна на Државниот инспекторат за труд во јавното претпријатие увидел кристално чиста состојба, што само покажува дека овие 100 лица совесно и одговорно си ја вршеле својата работа. Оттука сметаме дека Арсовска треба да се вразуми и своите битки да не ги води врз грбот на граѓаните, и порачаа од ВМРО-ДПМНЕ. 

Од СДСМ пак повторија дека пари и тендер вреден 136 милиони евра се причината за кавгата на Мицкоски со Арсовска.

– Мицкоски пред граѓаните треба да каже, која е неговата улога во тендерот вреден 136 милиони евра за пречистителната станица? По една година од локалните избори се покажа вистинското лице на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во Скопје како и во општините на главниот град. 
Наместо да работат за граѓаните, за скопјани, за развојот на градот, тие се скараа за тендери и провизии. Сите надлежни институции да ги истражат сомнежите за криминал и да следува одговорност, а градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ да се фатат за работа во интерес на граѓаните, кои од нив очекуваат решенија и развој, а не кавги и препукувања, порачаа од СДСМ.