ВМРО-ДПМНЕ бараше, па сега не сака кризна состојба


За економската ситуација, за надворешно политичката ситуација, за блокадата од ЕУ и за здравствената криза виновни се Зоран Заев, Венко Филипче и Никола Димитров, обвини денес пратеникот Антонијо Милошоски барајќи да си дадат оставки и да се формира експертска влада. Од власта не ги земаат за сериозно ваквите пораки и му порачуваат на ВМРО-ДПМНЕ дека не можат да ги сфатат бидејќи сакаат широка влада, а бегаат од избори.

„Во државата имаме најтешка ситуација од независноста до денес, и за граѓаните, и за здравствениот сектор, и за економскиот сектор, но за жал и за европерспективата. Сметам дека со нивната оставка ние ќе можеме како држава да создадеме можност да формираме влада на експерти  што ќе може подобро да се носи и во здравството, и во економијата, и во евроинтеграциите. ВМРО-ДПМНЕ смета дека Заев, Филипче и Димитров се дел од проблемот на оваа државна криза, а не се дел од решението.

Нивна оставка во најмала рака е морален чин од нивна страна, а во Собранието и на повисоко политичко ниво ќе може да се разговара за влада која што ќе ужива поширока доверба и наместо партиски личности, ќе има експерти во секоја област кои ќе можат да понудат конкретни решенија за следната година дена да можеме да имаме план за излез од кризата“, изјави Милошоски.

Тој соопшти дека за формирање експертска влада имале позитивен сигнал од две политички партии, Алијансата за Албанците и Алтернатива.Откако спомена дека тие многу порано барале воведување кризна состојба, сега кога се воведува оцени дека ќе донела дополнителен хаос во здравството  и дополнителни профити.

„Ние баравме кризна состојба уште во февруари, март. Тогаш на мал број заразени ставот на Владата, на премиерот Заев и на претседателот Пендаровски беше дека државата нема ресурси да спроведе кризна состојба на ниво на цела држава. Затоа сега се поставува прашањето дали тие биле искрени тогаш кога кажаа дека државата нема ресурси за воведување на кризна состојба во март или се искрени или можеби манипулираат денес кога воведуваат кризна состојба. Се сомневаме дека ова кризна состојба особено во здравствениот сектор може да донесе за некого дополнителни профити, а за некого или за некои здравствени установи дополнителен хаос кој што го имаме во голем дел од државните болници“, рече Милошоски.

„Со своите постапки, ВМРО-ДПМНЕ предводени од губитникот Христијан Мицкоски, веќе никој не може да ги сфати за сериозни.Нивните обиди за театралност не можат да ја надоместат празнотијата во која е западната опозициската партија.ВМРО-ДПМНЕ е единствената опозиција во светот што бара оставки а бега од избори, затоа што има уплав од соочување со граѓаните. Мицкоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ изгубија парламентарни, локални, претседателски избори, бојкотираа референдум, сега бегаат од локални избори во Штип и згора на се бараат широка влада. Без никаков легитимитет, без мандат од граѓаните, бараат да бидат дел од власта, а во  меѓувреме ја саботираат борбата на здравствените власти со “Ковид-19”, ја саботираат дипломатската стратегија за преговори со ЕУ, ја саботираат економската стратегија за справување со последиците од пандемијата и постојано се на погрешната страна!

Секојдневно се докажува дека ВМРО-ДПМНЕ е антинародна, антидржавна партија. Партија која ја злоупотребува смртта и тагата на граѓаните за партиски интереси, за да го штити криминалот на своите функционери . Со такво однесување уште долго остануваат во опозиција“, возвратија од СДСМ.