ВМРО-Чесна, СДСМ-Патриотска и ДУИ-Огнена во погон

Бунтот на повеќе градоначалници овој пат се чини дека може да создаде нови политички субјекти кои веројатно ќе имаат поголем успех од претходните обиди


Од она што денес се случува на партиската сцена во Македонија може да се претпостави дека на следните парламентарни избори, кога и да бидат, трите стожерни партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, ќе добијат своја внатрешна конкуренција.

Покрај битката со СДСМ и Левица, ВМРО-ДПМНЕ веројатно дека ќе треба да води битка и против партија што би ја формирале Данела Арсовска и Стевче Јакимовски, а која според природата на судирот во град  Скопје за „рачињата во медот“ ќе се обиде да се претстави како „ВМРО-Чесна“.

СДСМ овојапат нема да ги има за свој противник само ВМРО-ДПМНЕ и Левица, туку веројатно и партијата на градоначалникот од Куманово, Максим Димитриевски, која, од сѐ што е видено досега ќе се обиде да се претстави како „СДСМ-Патриотска“.

А ДУИ, покрај тоа што ќе ги има за противници, ДПА, Алијанса, Беса и Алтернатива ќе се соочи веројатно и со партијата што ќе произлезе од „Огнената група“, а која засега се најавува како „ДУИ-Огнена“.

Во кусата политичка историја на Македонија ова не е прв случај од внатрешните конфликти и недоразбирања на партиите, да се јават нови партии и тие да се обидат да превземат важен дел од улогата и моќта на старата партија.

Од ВМРО произлегоа  ВМРО-Вистинска на Борис Стојменов , па ВМРО–Народна партија на Љупчо Георгиевски, па Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски, Земјоделската на Марјан Ѓорчев и многу други, но ниту една од нив , освен ВМРО-НП која во 2006 година освои околу 57 илјади гласови, не го загрози централното раководство на партијата и не предизвика промени во него.

Од СДСМ се одвоија ДП на Петар Гошев, и НСДП на Тито Петковски во 2006 година која освои околу 56 илјади гласови и седум пратеници, па Владо Бучковски ја формираше Позитивна Македонија, но ниту една од тие партии не ги потресе сериозно раководството и позицијата на партијта.

Откако ДУИ во 2002 година го монополизираше политичкиот простор кај етничките Албанци во Македонија, дојде до натамошно распаѓање на ДПА, од која произлегоа прво Нова демократија на Имер Селмани, а потоа и Алијансата на Албанците, а во 2014 година се формираше и партијата Беса на Билал Касами од која подоцна се одвои Алтернатива на Африм Гаши. Но ДУИ, освен на изборите во 2016 година, кога голем број Албанци гласаа и за СДСМ не претрпе некои поголеми оштетувања на политичката сцена.

Една од причините за немоќта на новоформираните политички партии до сега беше тоа што тие мораа секогаш да ја напуштат матичната партија и одново да го започнат процесот на формирање, регистрирање, организирање по општини и собирање на материјални средства за учество на изборите. Матичната партија секогаш го задржуваше „печатот“, името, историјата, седиштето на партијата, целата организациона структура, парите, финансирањето од државниот буџет, па и гласачкото тело кое со години е создавано преку клиентизмот сфатен како размена на услуги од видот „работно место за гласови“ или тендери за спонзорирање и финансирање. Имајќи ја предвид нееднаквата моќ на субјектите во тој судир, како и изборниот модел кој им оди во прилог на веќе големите партии, до сега се случуваше таа битка да биде изгубена. Големите партии меѓу себе се солидарни во зачувувањето на моќта преку непроменливоста на изборниот модел, иако некои ветуваа дека тој ќе се смени со цел да се спречи враќањето на авторитарани режими.

Единствената нова голема политичка партија што се јави на политичката сцена во Македонија во изминатите 30 години беше ДУИ на Али Ахмети. Таа настана со трансформирање  на паравоената организација Ослободителна национална армија, чиј командант беше Али Ахмети во политичка партија пред изборите во 2002 година и се роди како резултат на кризата на легитимитетот на дотогашните партии ДПА и ПДП. Во исто време таа израсна израсна користејќи ги и апсорбирајќи ги нивните кадри за свое политичко легитимирање.

Наспроти досегашните неуспеси на партиите произлезени од главните текови на политичките движења во Македонија, овој пат се чини дека новите политички субјекти ако се создадат, може да имаат поголем успех од претходните. Основната причина за тоа е што нивните носители веќе располагаат со одреден политичка моќ, искуство и ресурси за водење на изборни кампањи.

Сите потенцијални носители на можните нови политички партии овој пат се моќни градоначалници чиј мандат ќе трае една година подолго и од следните парламентрани избори.

Можен основач на „ВМРО-Чесна“ е градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, која влезе во голем конфликт со централното раководство на партијата што ја кандидираше околу проблемот со корупцијата во градот и улогата на локалната самоуправа. Нејзин голем подржувач и партнер во таа „битка за чесност“ е  исто така градоначалник на значајна општина во градот, Карпош, Стевче Јакимовски, за кого никој не може да каже дека нема искуство во создавањето партии и во водењето изборни кампањи. Оттука, нивната евентуална битка за гласови на наредните избори би можела во голема мера да го загрози ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата „СДСМ-Патриотска“ на Максим Димитриевски, која се најавува како „Граѓаните за  Куманово и пошироко“ исто така е предводена од градоначалник во еден од најголемите градови во Македонија. Ако тој  дополнително заигра на антибугарско расположение, на антилабанскиот сентимент и на „антиестаблишмент реторика како до сега, таа групација би можела да привлече разочарани и незадоволни членови на СДСМ. Како и оние што го замрзнаа своето членство во СДСМ,  а кои не би гласале за ВМРО и за Левица и  ако нема друга партија не би излегле на гласање и би останале дома. Не е исклучено кон таквата партија да се приклучат некои од помалите политички субјекти, како Демократски сојуз на на Павле Трајанов, кои исто така „од патриотски причини“ ја напуштија сегашната влада. Но и за можната партија на Димитриевски да гласаат и некои прврзајници на ВМРО-ДПМНЕ, кои кај градоначалникот на Куманово гледаат доволно патриотска опција.

И на крајот, партијата „ДУИ–Огнена“, или со огнената моќ на поранешните команданти на ОНА, што би ја водел долгогодишниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, и која ја има подршката од градоначлниците на Чаир, Висар Ганиу, и на Сарај, Блерим Беџети. Но и на голема група поранешни високи функционери, министри од редовите на ДУИ, и заслужни борци и команданти од редовите на ОНА. Обидот таа група на огнените да се претстави како битка на „старите – недоволно образовани“ против „младите многу образовани“ кадри во ДУИ за сега не добива на голема уверливост и може само да го продлабочи судирот.

Сите горенаведени „фракции“ од големите партии располагаат со локална моќ, политичко искуство и веројатно со финансии да водат сериозна изборна кампања за свое политичко преживување или за остварување на големи промени.

Во оваа смисла, на идните парламентрани избори, покрај досегашната конкуренција меѓу постоечките големи политички партии, ќе бидеме најверојатно сведоци на битка за „идеолошкото наследство на големите партии“, односно на „битка за вистинскиот пат“, која ќе се води меѓу новите партии на локалните моќници, и партиите на министрите во власта и тоа ќе внесе секако една нова димензија и нов импулс на македонската политичка сцена.

Тој ќе  врши притисок и врз двата столба на авторитаризмот во Македонија. Првиот ќе биде слабеење на моќта на лидерите на големите партии во изборот на нивните соработници и кандидати за градоначалници и пратеници, а вториот ќе биде притисок за промена на сегашниот изборниот модел и негова замена или со мнозински или со отворени листи, односно со модел кој ќе обезбедува достапноста на највисоките места во политиката да не зависи само од лојалноста на кандидатите кон лидерите на нивните партии, туку од мислењето на граѓаните и нивната избирливост.

Обидот да се зачува монолитноста  и единството на владејачките политички партии преку формирањето на некаков си вид Фронт за Европа, кој „како ураган“ ќе ги издува сите што се „против Европа“ е добра досетка за себебрендирање и оцрнување на другата страна, но во вакви околности може да остане само немоќна алатка за суштествени промени во земјава. Испитувањата на јавното мислење, кои ќе зачестат оваа година веројатно ќе покажат поточно што се случува или што ќе се случува со изборниот колач на големите партии. На сите тие процеси секако ќе влијаат настаните околу промената на Уставот, одлуката за тоа дали претседатлските избори ќе се одржат заедно со парламентраните, влијанието на светската криза и на војната во Украина врз стандардот на населението, успехот во справувањето со криминалот и корупцијата  и способноста на лидерите на големите партии да демонстрираат лидерство во вакви ситуации.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор и поранешен амбасадор)