Влошена состојбата на Панчо, приклучен е на апарати


 

Владимир Блажев – Панчо од бендот ДНК е во критична состојба откако тешко е повреден во пожар што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Здравствената состојба му се влошила во текот на ноќта и бил приклучен на апарати, во одделот на Интезивна нега во „Систина“. Ова го потврди пејачката Ребека Јанковска-Ристевски, која објави:

„Да се ​​помолиме за сите што се борат за својот живот. Да се ​​молиме и за Владимир Панчо, мојот мал Буцо од детството кој ме изведе на пица да ме почести, иако имаше само 12 или 13 години. Буцо, кој е голем борец, патриот, хуманитарец и уметник! Молитвата е моќна кога доаѓа од срце. Нека Господ ги помилува сите преживеани кои се во тешка ситуација и нека ги исцели и да им даде живот. Драг Панчо те молам не се откажувај!!! Владимир е во ‘Систина’, вечерва е префрлен. Неговата состојба се влоши. Трахеата е оштетена. Вдишал многу топол дим. На апарати е. Панчо мил, те молам не се предавај, да се помолиме за сите кои се борат за живот“, напиша Ребека.
 
Во трагичната несреќа во Кочани животот го загубија и  фронтменот на групата Андреј Ѓоргиевски, Александар Ефремов, фотограф на бендот ДНК, вонредниот проф. м-р Сара Пројковска, придружен вокал, како и директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“, Филип Стевановски и тапанарот на бендот Ѓорги Ѓоргиев. 

 

Министерството за внатрешни работи потврди дека пожарот бил предизвикан од пиротехнички средства.

Очевидци велат дека имало само еден излез, а огнената стихија брзо се проширила. Според сведоштвата на присутните, пиротехниката ја запалила украсната завеса поставена на покривот, а потоа и целата покривна конструкција.