ВЛЕН ќе го поддржи кандидатот на ДУИ во Кичево, а не на ВМРО-ДПМНЕ


 

Национално мобилизирање, а не коалициско. Така лидерот на Беса, Билал Касами, во разговор за албанската телевизија Сири го претстави прегрупирањето пред вториот круг на локалните избори.

Касами, кој победи во првиот круг на градоначалничката трка во Тетово благодарение на гласовите на коалицискиот партнер во владата, ВМРО-ДПМНЕ, во дебатата на телевизијата изјави дека ВЛЕН во вториот круг во Кичево ќе го поддржи кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, а не вмровскиот предлог Александар Јовановски.

Касами рече дека нивниот кандидат за градоначалник на Кичево, министерот за труд, Фатмир Лимани, испаднал во првото гласање и природно е албанските гласови да одат кон кандидатот на ДУИ, Дехари. Покрај ова Касами нагласи дека очекува албанските гласови да се здружат во вториот круг на изборите во Брваница (општина крај Тетово), каде досегашниот градоначалник, Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ, е во предност пред кандидатот на ВЛЕН, Хажим Рамадани. Тој веќе ги искина плакатите на кои покрај неговото име стоеше ознаката на ВЛЕН и повика на здружување на сите Албанци во општината.

Касами исто очекува поддршка од сите Албанци и од структурите и поддржувачите на ДУИ во општина Долнени, каде во вториот круг ќе се борат нивниот претставник и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ѝ даде јавна и силна поддршка на кандидатите на ВЛЕН во Чаир, Сарај (каде победија во првиот круг) и во Тетово и Струга, каде што ќе има втор круг.