ВЛЕН сака да ги задржи сите министерски места и по заминувањето на Таравари


Билал Касами (Фото: Б. Грданоски)

Лидерот на Беса, Билал Касами, изјави дека во Владата имало разговори какви комбинаторики да се направат во однос на министерските места што би се испразниле со заминувањето на АА и Арбен Таравари во опозиција. Таравари, кој е министер за здравство, вечерва најави дека тој и АА излегуваат од Владата и дека преминуваат во опзиција.

Касами, кој е еден од лидерите во ВЛЕН, во интервју за „360 степени“ рече дека не ја исклучува можноста да го дадат Министерството за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат да добијат друг ресор. Неофицијално, се разгледува можноста ресорот образование да му припадне на ВЛЕН, а со здравството да раководи кадар на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ние со премиерот, односно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, преговаравме како ВЛЕН и договорот е меѓу ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ за составување на Владата. На последните средби со премиерот уште еднаш е потврдено дека остануваме на истите заложби. Значи, договорот останува меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и остануваат сигурни позициите на ВЛЕН, рече Касами.

Со заминувањето на Тараври владиното мнозинство останува покусо за пет пратеници, под услов сите да се приклучат на неговата одлука. Зад него на прес конференцијата беа четворица, но не и Салим Сулејмани. Во сегашната влада Алијанса за Албанците в има две министерски места – за здравство кое го предводи Таравари и вицепремиерско и министерско место за добро владеење на кое сега го предводи  Арбен Фетаи, но останува неизвесно дали тој ќе остане лојален на Таравари или ќе се приклучи на ВРЕДИ и ќе остане министер. Синоќа тој не беше на состанокот на раководството во Тетово, официјално поради работни обврски.Фетаи инаку на оваа позиција дојде од Брисел каде што подолг период лобираше за Албин Курти ,чиј кадар пак во ВЛЕН се дистанцираше од Таравари.

По соопштувањето на одлуката на прес-конференција, според информациите од Владата, нема да се случи ниту најавената последна средба на Таравари со премиерот Мицкоски… Таравари кажа дека освен со Ахмети, во меѓувреме комуницирал и со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и најави можна соработка со опозициските партии за изборот за градоначалници, која дополнително би се договорала.