ВЛЕН го прашува Османи: Од кога средбите со лице на црна листа се класифицирани?


ДУИ не е реформирана партија, туку групација што манипулира со националните чувства и европските стремежи на албанскиот народ за свои лични и теснопартиски интереси, истакна на прес-конференција пратеничката на ВЛЕН, Мерита Колчи-Коџаџику.

„Бујар Османи призна дека имал средби со Никола Груевски во Будимпешта. Деновиве сме сведоци на едно скандалозно признание од страна на Бујар Османи, човек кој повеќе од две децении ја злоупотребува довербата на Албанците. Тој јавно одби да негира, односно потврди дека се среќавал со Никола Груевски, бегалец и лице на американската црна листа“, истакна Колчи-Коџаџику.

Таа постави и неколку прашања до Бујар Османи кои се однесуваат на средбите со Груевски.

„Од кога тоа средбите на еден министер за надворешни работи со лица од американската црна листа се класифицирани? Дали тие средби се пријавени во Јавното обвинителство и МBP? Кој е интересот зад оваа тајна комуникација?“, праша пратеничката.

Таа нагласи дека Албанците очекуваат одговори, не молк.

„Потсетуваме. Помошта за бегството на Никола Груевски беше дело на ДУИ. Законот за амнестија за Мијалков и неговата екипа беше дело на ДУИ. Се ова го разбираме како очај на една корумпирана елита што знае дека нејзиното време истекува“,додаде таа.

Колчи-Коџаџику рече дека ДУИ ја претвори политиката во пазар и во бизнис, а Албанците во заложници на нивните договори со бегалци и криминалци.