Властите во Сараево забранија волонтери да им помагаат на мигрантите
БиХ – Властите на Босна и Херцеговина им забранија на волонтерите од организацијата „Ејд бригејд“ од Европа и Америка да делат оброци на мигрантите што престојуваат на железничката станица во Сараево, соопштија хуманитарците, наведувајќи дека биле затворени и нивните простории во кои тие обезбедувале медицинска помош.
Хуманитарците на 22 мај ги посетиле околу 20 полицајци и службеници од Службата за работа со странци на БиХ и им наредиле веднаш да престанат со работа. Волонтерите биле однесени во канцеларијата на Службата за странци, каде што дознале дека ги товарат за нарушување на јавниот ред, давање помош на мигранти и бегалци надвор од законот и волонтерство под туристичка виза.
– Истиот ден, нашето барање да станеме официјална невладина организација беше одбиено, откако чекавме пет месеци на одговор, соопшти „Ејд бригејд“.
Организцијата наведува дека ова е „тажно време за целиот тим“ и оти е горда на се што направила. „Ејд бригејд“ информира дека од март 2018 година, подготвиле 120.000 оброци, поделиле 600 зимски јакни и вреќи за спиење, а своите простории ги отвориле за бегалците и сараевските бездомници да поминат ден на топло и да добијат храна.