Власта заплашува со Груевски, опозицијата со „шлаканици“ од Брисел


Уште само 48 часа за промоција на сопствените политики им преостанаа на двајцата претседателски кандидати, Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски,и на партиите што застана зад нив пред да влезат во целта со или без титула шеф на државата. Судирот меѓу двата блока добива на интензитет со извесно разгорување на страстите кај приврзаниците. Второто полувреме од предизборната кампања практично се претвори во битка за апстинентите, со оглед на слабата излезеност во првиот круг, но и за оние што се определија за Блерим Река, кандидатот зад кого застанаа албанските позициски партии Алијанса за Албанците и Беса.

Во таа насока е и кокетирањето на Сиљановска со разочараните од СДСМ, како и оние од „Шарената револуција“, покрај дијалогот што го најави со претставници на движењето „Бојкотирам“. Впечаток е дека тој невешт обид да се анимира тој дел од гласачкото тело и донесе повеќе проблеми отколку корист. Силјановска ги побара гласовите на разочараните припадници на „Шарената револуција“, но одби да дебатира со дел од нив и да ги слушне нивните прашања и размислувања.

Во изјавата, во која објаснуваше зашто не ја прифатила поканата, таа изрази чудење како „Шарената револуција“, по речиси три години отсуство, одеднаш се појавила на политичкиот хоризонт. Листата што ја видела не била репрезентативна бидејќи не чула пратеници, министри, членови на бордови да бидат револуционери. Ваквата изјава меѓу учесниците на „Шарената револуција“, кои во добар дел не излегоа на гласање, предизвика серија негативни реакции кои фрлија сенка на обидите на професорката по уставно право да се претстави како непоколеблив демократ кој е подготвен на разговор со секого.

Забележливо е исто така дека во текот на кампањата Силјановска избегнува посети на средините со доминантно албанско население, за разлика од Пендаровски кој се чувствува природно во нив. Тој во финишот на кампањата оствари директни средби со населението во Липково и кумановското Диво Насеље, каде што пред три години во време на владеењето на почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а сега азилант Никола Груевски, се случи вооружен инцидент во кој загинаа 8 полицајци и повеќемина од вооружена косовска група.

Затоа, пак, Силјановска од дистанца преку медиумските настапи порача дека секогаш се обраќа до сите граѓани и дека не ги дели отфрлајќи ги обвинувањата дека е „албанофоб“. Во тој правец е и нејзината последна изјава дека можела да се омажи за Албанец, со оглед на детството поминато меѓу Албанци.

Со истакнување на проблемот со сиромаштијата, користејќи го притоа вчерашниот Први мај , и засилените говори против наводната распродажба на Македонија и криминалите на власта, се покажуваат претензиите на Силјановска и на најголемата опозициска партија да го надополнат гласачкиот потенцијал, кој во првиот круг од шестите претседателски избори не забележа раст, односно остана на исто рамниште како на последните локални избори, кога ВМРО-ДПМНЕ доживеа тежок пораз.

Во крилата на двата табора, пак, различно дува ветерот од Брисел, особено по учеството на македонскиот премиер Зоран Заев на конференцијата за Западен Балкан, во организација на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. Од ВМРО-ДПМНЕ вчера продолжија да се ругаат со оптимистичките инјекции кои ги удира Заев дека земјава, сепак, годинава ќе добие датум за почеток на преговорите. Според ВМРО-ДПМНЕ, која тврди дека во јуни нема да добиеме датум, граѓаните ја плаќале цената на лагите на Заев и Пендаровски. Но таквите пораки, според политичките набљудувачи, тешко може да донесат ефект ако се знае дека евроинтеграциите се долг и континуиран процес (а не некаква инстантна формула) кој реално беше најзакочен во едната деценија владеење на сегашната опозиција.

Од друга страна, ако Пендаровски и СДСМ водеа релативно мирна и оптимистички интонирана кампања во првиот круг, сега пукаат со сите оружја. Впечаток е дека власта се преигра обидувајќи се да сурфа на бранот на позитивната атмосфера што го донесе потпишувањето на договорот со Грција, кој донесе над 600.000 гласа на референдумот за промена на името и кој е посочен од меѓународниот фактор како пример како треба да се решаваат децениските проблеми меѓу државите. Подзаборавањето на домашните теми е факт кој за време на вториот дел од кампањата беше признаен и од самиот Заев. Епилогот по првиот круг очекувано им влеа одредена доза страв, па од владејачкиот табор, но и од самиот Пендаровски, почнаа застрашувањата на гласачите со можното враќање на Груевски и на неговиот режим. Такви пораки излегуваат и од пропагандните спотови кои зачестено се пуштаат на националните телевизии последниве денови.

„Големо мнозинство од народот знае кој ја носи земјава во ЕУ, а кој ја враќа назад. На овие избори гласаме за Европа или за балканска кал. Одиме кон Европа, ставаме печат, Груевски никогаш повеќе да не се врати на власт, туку на отслужување на затворската казна“, порача претседателскиот кандидат Пендаровски на средбите со граѓаните на Куманово. На средбите, пак, со жителите на Липково и Диво Насеље тој порача дека на 5 мај Албанците ќе потврдат дека само заедништвото може да ѝ донесе прогрес на нашата заедничка држава.

„Вие одржавте лекција дека со политички игри не може да се урне соживотот. Затоа, вие сега на 5 мај имате избор меѓу две опции, меѓу нас кои нудиме соживот и еднаквост и против кандидатката која вели дека сè што е направено ќе се поништи, а тоа ќе донесе нови поделби. Немојте да дозволите тие темни времиња да се вратат назад“, им порача Пендаровски на жителите од оваа населба.

Во овие два преостанати дена се очекува пикот во обидите да се оцрни противникот. Од сите можни агли во насока на мобилизација на гласачите ќе ги слушаме старите пораки. Од една страна „транзициската министерка и профитерка Гордана Силјановска и генералниот секретар на Никола Груевски, Христијан Мицкоски не се ниту нови, ниту свежи во политиката, и затоа директно ги асоцираат граѓаните на 11-годишниот режим кој од нашата земја направи заробена држава“. И од друга „губитникот Пендаровски никогаш за ништо не носел одлуки, а е избран од Зоран Заев само за да го штити и прикрива криминалот и да ги поддржува неморалните акти на лидери на партии од неговата коалиција, кои за пари го продаваа името на државата“.

Останува да се види колку интензивирањето на негативната кампања во вториот круг од изборите ќе придонесе за поголема излезеност в недела и на чие конто ќе завршат тие евентуални дополнителни гласови. (Н.К.)

 

ДУИ: Ќе испорачаме 80.000 гласа за Пендаровски

Во вториот круг од претседателските избори ДУИ ќе испорача 80.000 гласа за консензуалниот кандидат Стево Пендаровски, вели шефот на изборниот штаб на ДУИ, Изет Меџити.

– Ние во ДУИ и Албанците воопшто немаме дилеми дека треба да се поддржи број 3, бројот на консензуалноста, на заедништвото, интеграцијата и рамноправноста – порачаа од ДУИ. Од партијата велат дека бојкотот ѝ помага на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и носи претседателска и парламентарна криза, како и дека ги ризикува НАТО и Европската Унија. Бојкотот, нагласуваат оттаму, ниту ќе овозможи привремен претседател ниту ќе казни некоја партија, но ќе поттикне избори.

– Албанците во Северна Македонија имаат потреба од претседател кој ја поддржува интеграцијата на земјата во НАТО, членството во Европска Унија, кој го поддржува Охридскиот рамковен договор и јазичната рамноправност и гледа партнерство во Вашингтон и Брисел. Заради овие причини, ние ги посетивме сите локални штабови во периодот помеѓу двата изборни круга и ги повикавме граѓаните масовно да излезат на гласање на 5 мај, додека утре на 2 мај, во салата на Филхармонијата во Скопје, со почеток во 19:30 ќе одржиме централен објаснувачки собир каде што господин Ахмети ќе им ги објасни на граѓаните ставовите на ДУИ, како и потребата за излезеност и гласање на 5 мај – повикаа од ДУИ.