Власта „штанца“ кривични пријави само против градоначалници на СДСМ и ДУИ

Градоначалникот на Росоман, Стојан Николов (СДСМ), доби кривична пријава затоа што овозможил да почне реконструкција на влезот во гратчето


 

Уште еден градоначалник на СДСМ заработи кривична пријава за злоупотреба на службената положба, што се повеќе личи на селективна правда за да се издевалвира оваа партија пред престојните локални избори, па и наликува на политички прогон. 

Како што информираше денес МВР, поднесени се кривични пријави за градоначалникот на Општина Росоман, Стојан Николов и за претседателот на Советот на општината, Ристо Јошев. Против Николов е поднесена пријава поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“, како и поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „Бесправно градење“, додека за Јошев е поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“.

Николов во јавноста е познат и како најмладиот градоначалник во Македонија, бидејќи на функцијата стапи на само 24-годишна возраст. Според МВР, на седница на Советот на општината, одржана на 28 февруари годинава, било утврдено дека Програмата за изработување на урбанистички планови и локална урбанистичка документација за 2023 година, која била изгласана на 30 јануари со 39 точки и без потпис на претседателот на Советот, подоцна била изменета. Допишана била уште една, 40. точка, која Јошев ја потпишал, овозможувајќи урбанистички проект за производство на асфалт во катастарската општина „Манастирец“ да се внесе во програмата без одобрение и гласање од советниците.

Покрај оваа пријава, ОВР Кавадарци поднесе и уште една против Николов, поради сомневање за „бесправно градење“. Според наводите, тој во својство на градоначалник овозможил да започне реконструкција – промена на сообраќајниот режим на влезот во Росоман – без решение за реконструкција, без одобрение за изградба на линиски инфраструктурни објекти и без основен проект – фаза градежништво, спротивно на Законот за градење.

Поедноставно кажано, Николов заработи кривична пријава за реконструкција на влезот во градот, додека градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, чија партија е коалициски патртнер на ВМРО-ДПМНЕ, е обвинет за изградба на 150 бесправни објекти, не доби ни јавен укор.  

Претходно, иста ваква кривична пријава заработи и градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски  од СДСМ,  бидејќи донел „незаконска одлука за вработување на кандидат кој веќе ги исполнувал условите за пензионирање“, со што му овозможил противправна имотна корист, како Македонија да е Шведска и ова испаѓа најкрупен криминал. 

Кривична пријава доби и актуелниот градоначалник на Крива Паланка и двајца општински службеници, бидејќи „службеник во општината незаконски издал решение за промена на инвеститор и покрај тоа што одобрението за градење било веќе истечено“. Друго лице, раководителка на Одделението за урбанизам, не извршило должен надзор и го потпишала решението како важечко, со што му овозможила на инвеститорот да продолжи со градба без валидна дозвола. Градоначалникот, пак, без соодветна проверка го одобрил истото решение со свој потпис и печат на општината.

На удар на истерувањето на правдата по терк на ВМРО-ДПМНЕ претходно се најде и градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, за легализацијата на теренските терени кај „Александар Палас“, а подоцна и градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари од ДУИ, со обвинение дека го оштетил општинскиот буџет за речиси 4 милиони денари за адвокатски услуги – во исто време кога Билал Касами како градоначалник прави милиони од коруптивни зделки со имот и ништо не му фали. 

Според МВР, Дехари од 2017 до 2024 година, во својство на градоначалник на Кичево, противзаконски склучил повеќе договори за извршување на адвокатски услуги со адвокати од Кичево, иако во рамките на општината постои Сектор за правни работи со вкупно 37 вработени, кои имаат право да ја застапуваат  пред судовите во државата. 

Против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко е поднесена кривична пријава од ОВР Струга затоа што спротивно на законот назначил в.д. директорка во училиште во општината што ја раководи. Кривичната пријава не е за злоупотреба на службата туку за несовесно работење. 

„На 17.01.2022 година, во својство на градоначалник на општина Струга, тој спротивно на законските прописи, донел решение за избор и именување на в.д. директор на училиште во Струга. Тоа го направил иако знаел дека кандидатката што ја наименувал, не исполнувала низа услови од Законот за основно образование, не го положила испитот за директор во утврдениот законски рок и не поседувала соодветен сертификат за познавање англиски јазик“, информираше тогаш  МВР.