Власта попушти пред археолозите, осум закони за коридорите влегоа во процедура

Неколку пратеници од мнозинството беа против дневниот ред, целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата


Измените во законите ги образложуваше Арбер Адеми од ДУИ (Фото: Б. Грданоски)
 

Спорната измена на Законот за заштита на културното наследство беше повлечена од страна на  предлагачите денес на седницата на Собранието, но останатите осум закони што треба да отворат пат за побрза изградба на коридорите 8 и 10д влегоа во процедура по скратена постапка. Во гласањето не учествуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, иако го пренесоа својот став околу овие закони. Тие ја напуштија пленарната сала.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, обвини дека се прави нов коалициски пазар и се воспоставува пракса важни закони да се носат на мала врата. Иако оцени дека во основа станува збор за добар проект, тој ја критикуваше власта дека е глува за забелешките на јавноста. Според негова оценка, измените на Законот за утврдување јавен интерес ќе предизвикаат „огромни финансиски импликации“ за буџетот на државата, бидејќи  ќе се плаќаат многу казнети пенали, поради очекувањето уште на стартот да се доцни со почнувањето на проектот. Со овие закони, рече тој, се даваат ексклузивни права на изведувачот  и затоа побара тие да се повлечат и да не се гласаат додека не поминат низ јавна расправа, бидејќи во спротивно засекогаш ќе остане сомнежот дека со нив се отвора простор за криминал.

На тоа реплицираше Јован Митрески од СДСМ, кој рече дејка со ваквите обвинувања се сака да се наштети на најголемиот инфраструктурен проект во Македонија последните 70 години, порачувајќи дека не се бега од дебата за законите иако ќе се усвојуваат по скратена постапка,

„Ниту криеме, ниту се брзаме. Од девет закони седум ќе се разгледуваат во комисии што ги предводи опозицијата. Таму може да се отвори расправа за нив“, рече Митрески апелирајќи да не се прави хистерија од најголемиот државен проект. 

„Алармот е вклучен на најјако, на граѓаните, на невладините, на експертите, на јавноста. Измените не се предложени и потпишани од Владата туку зад нив стојат пратеници, и сѐ додека е така и додека се предлагаат законски измени од петок за понеделник, овој, во суштина добар проект ќе биде обремент со сомнежи за корупција и матни зделки“, рече Мицевски повикувајќи го пред сѐ министерот за земјоделство, покрај останатите, да дојде тука и да ги образложи измените, бидејќи вака изгледа дека Владата бега од одговорност од тоа што ќе биде изгласано.

 

Маја Морачанин од ДОМ од говорницата објави дека ќе гласа против дневниот ред (Фото: Б. Грданоски)

Дека нема да гласа за ставање на спорните девет закони на дневен ред најави и Маја Морачанин од ДОМ, која рече дека тие зафаќаат многу области, даваат голем број привилегии за изведувачот „Бехтел и Енка“ и дека, според неа, никој не треба да биде толку привилегиран само затоа што прави инфраструктурен проект од јавен интерес. Затоа побара законите за бидат повлечени од седницата, но остана осамена со уште тројца пратеници кои гласаа против и еден беше воздржан.

Пратеникот на Левица Борислав Крмов, пак, се пожали дека биле „фатени на препад“, бидејќи материјалите ги добиле пет дена пред седницата а требало десет, и дека предлог-измените на законите не биле ставени на ЕНЕР системот за да ги прочитаат навреме, на што спикерот на парламентот Талат Џафери му рече дека седницата била свикана одамна, а не итно и дека на ЕНЕР не се ставаат предлози на пратеници. Според Крмов, исти вакви работи се случувале во Косово и Албанија каде што градеше истата фирма, заклучувајќи дека за „Бехтел и Енка“ нема „да важат  никакви закони, дека ќе газат низ шуми и низ археолошки наоѓалишта и ќе прават што сакаат“. 

Претходно од Левица соопштија дека со измените во Законот за градење се изема надлежноста на релевантните институции и изведувачите буквално, „ќе можат да градат каде сакаат и кога сакаат, под штитот наречен особен интерес“.

 

Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ на говорницата. Неговата пратеничка група излезе од салата (Фото: Б. Грданоски)

„Истото се предвидува и во Законот за урбанистичко плaнирање. Се скратуваат рокови за одговор и прибавување на потребна документација, до степен на апсурдност, со што ќе се добијат погрешни параметри при процесот на планирање. Но, тоа не им е важно, затоа што тотално нестручната Влада ќе ги одобрува проектите, додека минорни казни (од само 2.500 евра), ќе бидат единствената ‘утеха’ ако настане хаварија. Шумите, кои ќе се најдат на патот на коридорот, ќе можат безмилосно да се сечат, на трошок на инвеститорот, но како ‘компензација’ на тој трошок ќе може да си ја земе шумата која ја исекол“, рекоа од партијата.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ и еден од предлагачите, Арбер Адеми, истакна дека со измените се овозможува ефикасно работење за државните патишта.

„Начелата врз кои се заснова законот е економичност и ефикасност на постапката. Основните решенија се во насока на прецизирање на начин на проектирање, ревизија, изградба на надзорот и ставање во употреба на предметните градби“, рече Адеми.

Практично во првата фаза поминаа Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за градење, Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за шумите, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за експропријација, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање,  Предлог на закон за дополнување на Законот за земјоделско земјиште, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за работни односи, Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини,  сите по скратена постапка. По изгласувањето на потребата за носење на овие закони по итна постапка, ќе се формираат комисии, па расправата кусо ќе оди таму. Потоа пак се враќаат на гласање во пленарната сала. (Н.В.)