Власта нуди уште десет отсто, наставниците се мислат
Просветните работници во основните и средните училишта, како и вработените во високото образование и наука издејствуваа дополнително покачување на нивните плати за десет проценти. Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура, Јаким Неделков, вчера попладне повеќе од два часа беше на преговори во Владата со премиерот Зоран Заев и министерот за образование Арбер Адеми, откако на власта ѝ постави ултиматум дека наставниците ќе почнат генерален штрајк во основните и средните училишта ако не им бидат покачени платите.
Владата им понудила на синдикалците покачување на платите од април за дополнителни 10 отсто со што, доколку би се реализирало ова покачување, платите на просветните работници од 2018 до 2020 година би се зголемиле за 20 отсто. Засега најавата за генерален штрајк останува во мирување сè додека советот на СОНК не го разгледа предлогот на Владата. Министерот за образование вели дека ова е историско покачување на платите во образованието.
„Имавме конструктивен разговор предводен од премиерот Заев, имаме конкретен предлог за покачување на платите и мислам дека ова е историско покачување во образованието, од април платите да бидат повисоки за дополнителни десет проценти, почнувајќи од основно, средно, високо и наука. Во 2018 имавме покачување од пет отсто, во 2019 година од септември дополнителни пет проценти покачување и во 2020 ќе има десет проценти дополнително покачување. Останува на утрешната седница на Владата да се усвои предлогот. Полека, но сигурно со сериозен пристап даваме голем придонес за подобрување на материјалниот статус на вработените во образованието“, рече Адеми по средбата.
Неделков беше порезервиран за предлогот на Владата, сè додека за тоа не се изјасни советот на СОНК, но за нив никогаш не е доволно покачувањето и секогаш може некој процент повеќе.
„Ќе ни бидат потребни неколку дена за да кажеме дали сме задоволни или не. Јас како човек секогаш се трудам кон нешто повеќе, мислам дека може и повеќе. Ако се темели нашето барање на зголемувањето на минималната плата во последните неколку години и на зголемувањето на платите од страна на Владата, остануваат уште неколку проценти за кои би требало да се зголеми платата“, вели Неделков.
Дали синдикалците ќе го прифатат понуденото или ќе бараат уште повеќе, ќе се знае до крајот на неделата и почетокот на идната.
Минатиот понеделник претседателот на СОНК му даде рок од седум на Министерството за образование и се закани дека ако не бидат прифатени нивните барања ќе има генерален штрајк. Во основните и средните училишта оваа година наставата почна еден ден подоцна, поради предупредувачкиот штрајк на наставници членови на СОНК и тие што солидаризираа со нив. Штрајкувачите на првиот училиштен ден беа на работа без обврски, а оние што не се приклучија кон штрајкот одржуваа настава. Наставниците не беа задоволни од петпроцентното зголемување на платите во септември и бараат повисоки плати за 25 проценти. Тие бараат зголемувањето да важи од јануари следната година. (Ф.Ф.С.)