Власта ќе нема Бадентерово мнозинство ако Таравари си замине од коалицијата

Спикерот на Собранието, Африм Гаши, не гледа драма околу ова прашање бидејќи сѐ уште не се знае исходот од политичкиот флерт на Таравари


Африм Гаши (Фото: Б. Грданоски)

 

Ако се остварат очекувањата дека Алијансата за Албанците на Арбен Таравари ќе биде истуркана или си замине од Владата, владејачкото мнозинство нема да има доволно гласови за законите шпто бараат Бадентерово мнозинство. Практично, без помош на опозицијата ВЛЕН не ќе може да изгласа ниту еден закон во интерес на Албанците бидејќи во таква ситуацијата СДСМ, Левица, ДУИ и Алијансата на Таравари ќе имаат 27 пратеници кои се преставници на малцинствата. 

Сепак, спикерот на Собранието Африм Гаши не гледа драма околу ова прашање бидејќи, според него, сѐ уште не се знае исходот од политичкиот флерт на Таравари (дали ќе остане или не во Владата), ниту пак може да се знае каков интерес ќе имаат пратениците од немнозинските заедници за законите што се гласаат, така што прецизна линија меѓу владејачкото мнозинство и опозициските пратеници според него не може да се повлече. 

„Додека не добијам официјално соопштението од пратеничките групи Собранието ќе продолжи да функционира како и досега“, соопшти Гаши на брофинг со новинарите околу дилемата дали ќе има прераспределба и на челните луѓе во работните тела во Собранието ако се смени политичката костелација во него.

Конкретно околу проблемот со Бадентеровото мнозинство Гаши рече: 

„Овие прашања се отвораат, но сѐ додека немаме нова фактичка состојба не можеме да го знаеме одговорот“.

Тој не очекува дека може да се блокира работата на Собранието. 

„Не верувам дека ќе се блокира Собранието. Ајде да почекаме. Битно е кои прашања ќе се гласаат според принципот Бадентер“, рече Гаши, кој  одбиваше да ги коментира состојбите во коалицијата, бидејќи тоа е работа на партискиот лидер на Алтернатива, а не негова. Тој порача само начелно дека секогаш бил за обединување на политичките партии од албанскиот блок и покренувал иницијативи за тоа.

„Во 2016 година пробав со Алијансата за Албанците и не успеав. Во 2020 година направивме сѐ за да имаме коалиција со Алијансата за Албанците и се радував на тоа. И во 2024 година бев еден од иницијаторите за обединување бидејќи е здраво кога успеваме да се споиме“, илустрираше Гаши, откако претходно оцени дека ситуацијата во македонскиот блок е добра, бидејќи има две големи партии и други кои коалицираат со нив, додека во албанскиот има расцепканост што создава политичка нестабилност за гласачите.

Околу одлуката пак на Таварари да не настапи заедно со ВЛЕН Гаши рече дека секој сноси одговорност пред своите гласачи и – можеби тие ќе го ценат тоа. (С.Ј.)