Владо Јаневски со емотивен концерт на Антички: „Лани на оваа сцена бевме 10, сега сме 9, Сара отиде“

Поп-ѕвездата Владо Јаневски, кој ретко се појавува на поп-сцената, синоќа, во рок една година, втор пат го наполни Антички театар во Охрид. Лани, одржа концерт на 10 август на истото место.
Пред многубројната публика ги исполни сите хитови кои ја одбележаа неговаат долга кариера, но и покрај баладите, по кои е препознатлив, со една песна ги растажи фановите, а и тој се расплака на сцената. Јаневски ѝ посвети песна на Сара Пројковска, професорка по пијано и придружен вокал која загина во пожарот на 16 март во кочанската дискотека „Пулс“. Пројковска долго пееше како негов придружен вокал.
„Морам да го кажам ова. Лани на оваа сцена бевме 10, сега сме 9, Сара отиде. На концертите во Филхармонија во Скопје ми рече: ‘Баце, многу тажни песни правиш’. Ова ќе биде секогаш песната на Сара“, рече Јаневски за „Ненормален“, една од неговите најемотивни балади. Како придружни вокали настапија Теа Богатинова, Стево Чепишевски и Ана Костадиновска, најблиската другарка на Пројковска која преживеа во пожарот.
Цел Антички даде силен аплауз за Сара Пројковска, омилена соработничка на повеќето од македонските поп-пејачи. Дуото Ана и Сара, долги години заедно пееја придружни вокали на речиси сите солистички концерти и манифестации.
Пред да го вратат на бис, Јаневски го најави својот поголем скопски концерт, на 20 декември. Концертот го организираше продукција „Прагма“.