Владините интервенции го ублажија падот на БДП, годинава раст од минус 4,8 отсто, оценува Фајнанс тинк

Во третиот квартал од 2020, БДП се намали за 3,3 проценти. Ова намалување е нешто помало од проекцијата на Finance Think од 11 април 2020 од минус 4,7 отсто, поради владината интервенција за ублажување на социо-економските ефекти од Ковид-19, која свој најголем интензитет достигна во третиот квартал, оценува економскиот институт Фајнанс тинк во најновиот Макроекономски монитор.

„Тоа се согледува и преку растот на јавната потрошувачка во овој квартал од 13,5 отсто, во услови кога домаќинствата продолжиле да бидат воздржани (пад на приватната потрошувачка  од 4,1 отсто), а условите на трговијата продолжиле да бидат отежнати (пад на  извозот и увозот од 8,4 отсто и 2,4 отсто, соодветено). На производната страна, во третиот квартал се забележува релативна консолидација, која е значајна кај најпогодените сектори: преработувачката индустрија, трговијата, транспортот и хотелиерството, иако тие го продолжиле својот пад. 

Невработеноста во третиот квартал од 2020 благо се намали, на 16,5 отсто од претходните 16,7 отсто, додека вработеноста се намали од 47,1 отсто на 46,6 проценти. Овие движења се предизвикани од значајното пасивизирање на активната работна сила: имено околу 26.500 лица престанале активно да бараат работа во време на Ковид-19 (види повеќе во ФТ Став бр. 49). Во третиот квартал, најголем дел од работните места биле изгубени во трговијата,административните и помошните услужни дејности и преработувачката индустрија, додека  транспортот  и  хотелиерството вратиле дел од работните места кои ги изгубија во претходниот квартал. 

Врз основа на подобрите остварувања во третиот квартал и очекувањето за влошена активност во четвртиот квартал, во однос на проекциите од април 2020, Finance Think ја корегира проекцијата за падот на БДП во 2020 на минус 4,8 отсто, како и во четвртиот квартал од 2020 на минус 1,8 отсто. Под претпоставка дека економските текови ќе продолжат со разумно темпо на нормализација до почетокот на вториот квартал од 2021, што пак е одредено од брзината и ефикасноста на вакцинирањето против Ковид-19, проекцијата за растот на БДП во 2021 изнесува 4,9 отсто, се вели во најновиот Макроекономски монитор на Фајнанс тинк.