Владимир Талески со мобилен телефон во ќелијата на прилепскиот затвор

Како се случило поранешниот градоначалник на Битола слободно да користи мобилен телефон кој е стриктно забранет. Директорот на затворот најавува дисциплинска постапка против Талески


Владимир Талески со мобилен телефон во затворот

 

БИТОЛА – Со мобилен телефон в рака, екс-градоначалникот на Битола, Владимир Талески, е во затворската ќелија во прилепскиот затвор. По долна маичка, со тренерки и влечки, Талески е најверојатно фотографиран без да знае, од друг затвореник во ќелијата, кој, најверојатно, исто така користи мобилен телефон. На фотографијата се гледа дека Талески е во разговор со трето лице додека во рацете држи мобилен телефон.

Фотографијата од Талески на Фејсбук ја сподели битолчанецот Благојче и бара итен претрес во прилепскиот затвор. 

„Затоа веднаш претрес во прилепскиот затвор и да видиме како ‘Двојче’ го водат парите, како дошол до андроид телефон да си пишува со саканите? И да провериме дали сѐ уште ќе има телефон во неговата ќелија и кој ќе му го дозволи…“, коментира битолчанецот.

Директорот на прилепскиот затвор Александар Дамески, информацијата за тоа дека Талески користи телефон во ќелијата, исто како и „неговиот цимер“ што фотографирал, ја слушна од дописникот на „Независен“, па побара да ја види, за да препознае, дали навистина е затворската ќелија каде е сместен Талески. По разгледувањето на фотографијата без да демантира дека е затворскиот амбиент во прилепскиот затвор, рече дека веднаш ќе ја испрати до неговите служби да проверат како екс-градоначалникот на Битола дошол до телефон во ќелијата и како слободно го држи в раце и разговара и покрај тоа што знае дека тоа не му е дозволено. 

„Сликата не ми е доволно јасна, ја пратив на проверка, амбиентот е тој од затворската ќелија, ќе ви кажам повеќе кога ќе провериме, но не држи само едниот затвореник телефон в раце, туку и тој што ја направил фотографијата“, рече за „Независен“ директорот Дамески и не крие дека телефоните „влегуваат“ во затворските ќелии и покрај безбедносните мерки. 

Дамески вели во вакви случаи се знае постапката за користење на телефон. „На Талески ќе му биде одземен телефонот и ќе следува  дисциплинска постапка, 6 месеци нема да користи погодности, посети, слободно видување…“, ни рече Дамески.

Воедно ќе биде отворена постапка како мобилните телефони влегле во Прилепскиот затвор, најавува Дамески. 

На 9 јануари годинава, екс-градоначалникот Владимир Талески е спроведен во Прилепскиот затвор откако пресудата за случајот „Транспортер“ стана правосилна.

За криминалот со бесплатниот школски превоз тој е осуден на 7 години затвор, но се одзема времето поминато во домашен притвор од околу 3 години, што значи за одлежување му останале без малку 4 години.