Владимир Талески ќе оди во затвор, но дали ќе ги врати платите додека беше во домашен притвор

Апелацискиот суд одлучуваше толку долго за предметот „Транспортер“ што не се знае колку поранешниот градоначалник во Битола ќе треба да одлежи во затвор. Ниту од кого ќе биде наплатена штетата предвидена за конфискација


 

БИТОЛА – Поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, сепак оди во затвор, вака одлучи скопскиот Апелациски суд откако речиси три години го остави во куќен притвор. Со најновата одлука на Апелација за случајот „Транспортер“, поранешниот градоначалник Талески и екс-секретарот на Општина Битола, Слободан Бончановски добија пониски затворски казни за по една година од оние што им ги изрече Кривичниот суд.

Така, Талески од првично изречените 8 години, треба да одлежи вкупно 7 години затвор, а Бончановски наместо 6 и пол, само 5 и пол години затвор за бесплатниот школски превоз во Битола и криминалот тежок 360.000 евра. Она што е важно со оваа пресуда е дека ќе има и конфискација на нелегално стекнати пари, во износ од над половина милион евра.

„Независен“ за цело време детално известуваше за овој случај. Адвокатите застапници велеа дека Апелација врши повреда на правото на судење во разумен рок, со оглед на тоа што се работи за кривично дело каде што има изречено мерки притвор. Дури и долгогодишни и докажани правници од Битола сметаа дека кривичната постапка потенцира итност и приоритет на предметите каде има мерка притвор, па и за нив беше нејасно зошто Апелацискиот суд толку долго  не одлучува за овој предмет.

Откако одлучувањето за предметот премногу долго се одложуваше и по пишувањето на „Независен“ Судскиот совет пред десетина дена најави дека ќе прати своја работна група во Апелација да види каде е закочена пресудата за „Транспортер“. Резултатите ги гледаме денес со објава на пресудата.

Од денешното соопштение на Апелацискиот суд во Скопје може да се види дека судот дал образложение за пресудата, но во добар дел соопштението е нејасно, особено чии се иницијалите на останатите инволвирани во случајот. Јавноста не знае дали одлуката се однесува на управителите на фирмите превозници или пак на тогашните директори на основните и средните училишта во Битола.

Јасно е само дека и едните и други сега имаат условни казни затвор.

Талески и Бончановски за цело време додека трае судењето за „Транспортер“ повремено се во домашен притвор, а од тогаш до сега поминаа 6 и пол години. Според информации од адвокати инволвирани во случајот, Талески за прв пат беше во домашен притвор на 13 јуни 2016 година кога му беа изречени до три месеци притвор. Подоцна имаше само мерка на претпазливост и му беше одземен пасошот, се бранеше од слобода, за повторно да биде во домашен притвор сѐ до денес. Талески ќе мора да оди в затвор, велат адвокати и тоа најмалку 6 месеци, но не подолго од 2 години. Додека за Бончановски можеби домашниот притвор ќе му се пресмета со затворската казна, па можеби нема ни да влезе во затвор.

Револтот кај јавноста беше дотолку поголем што за цело време додека Талески е во домашен притвор зема плата од Битолскиот народен театар како првенец-актер во висина од 52.000 денари. Од Театарот велеа дека додека пресудата не стане правосилна тој ќе биде на платен список на оваа културна институција.

Адвокати за „Независен“ сега го отвораат прашањето колку брзо ќе реагира БНТ и ќе го спроведе законот за работни односно и на лице осудено подолго од 6 месеци ќе му го прекине работниот однос во институцијата.

Исто така експерти од правосудството го поставуваат прашањето што со досега примените плати кај Талески, кој ќе ја надомести таа штета од Буџетот? 

И она што е најважно од кои субјекти Буџетот на РСМ ќе си ја надомести штетата во овој случај – дали сите осудени лица ќе бидат задолжени солидарно да ја надоместат штета направена во „Транспортер“ или некои ќе бидат изземени од обврската, па товарот ќе падне на фирмите превозници.

Во пресудата на Апелација смета дека Основниот суд Скопје не сторил суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка на која се жалеле обвинетите.

А за намалувањето на казните изречени првостепено, Апелација наведува „дека и со поблаги казни затвор, односно со изречените алтернативни мерки – условни осуди спрема обвинетите, за кои е преиначена првостепената пресуда во делот на одлуката за кривичната санкција, како и со изречените кривични санкции спрема останатите обвинети со првостепената пресуда, доволно воспитно ќе се влијае во иднина да не се јавуваат како сторители на вакви и други кривични дела, а со тоа да се остварат и целите на казнувањето предвидените во чл.32 од Кривичниот законик, како на планот на специјалната така и на планот на генералната превенција“, стои, меѓу другото, во образложението на пресудата.

Токму за овие условни пресуди реагира Коалицијата „Сите за правично судење“ која прашува како може да има ваква одлука за дело за коево Кривичниот законик е предвидена минимална казна од пет години затвор, а може да се ублажи до три години во случаите кога постојат особено олеснувачки околности.

Оттаму нагласуваат дека „останува нејасно како судот и со првостепената, а потоа и со второстепената пресуда во овој предмет, успеал да изрече алтернативна мерка – условна осуда, со оглед на фактот што кривичното дело што им се става на товар на обвинетите е злоупотреба
на службената положба и овластување при вршење јавни набавки или на штета на средствата од буџетот на Република Северна Македонија“. И дека постои широка загриженост за изрекувањето на невообичаено ниски казни во предмети поврзани со висока корупција

Правните експерти очекуваат Апелација што поскоро да ја објави целата пресуда за „Транспортер“ за да се види колку време му останува на Талески за ефективна затворска казна, но и дали треба да врати пари во Буџетот.