Владата залудно се обидува да нѐ поврзе со политиката, велат од УПОЗ
Секој обид од страна на Владата или политичките партии, да докажат дека има политика во протестите или работата на Синдикатот, ќе им биде залуден, нагласи денеска на протестот пред Министерството за култура, претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски. Тој на ваков начин ги отфрли тврдењата на Владата дека протестот бил незаконски и политички мотивиран.
„Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на протестите на вработените, бидејќи имаа седум години да го решат овој проблем, но, наместо решение, направија сѐ што можат, да го забранат колективното договарање, па дури беа и првата влада што поништи колективен договор. И да ја поправам вчерашната изјава на Владата, бидејќи очигледно го има помешано Синдикатот на УПОЗ со некој друг синдикат. За потсетување, Синдикатот на УПОЗ само во 2022, 2023 и 2024 година, има организирано три штрајка и најмалку 20 протести, од кои на протестот во декември 2023 година, над 5.000 вработени од управата и правосудството, излегоа на улица и побараа достоинствени плати за живот“, истакна Деаноски.
Тој додаде дека нивните барања биле исти со години наназад.
„Не случајно на вториот ден од протестите сме пред Министерството за култура. Во 2023 година, токму овие вработени 21 ден по ред протестираа пред Владата, со истите барања како и денес, потпишување на колективен договор и зголемување на платите на вработените“, рече Деаноски во изјава за медиумите.
Тој потсети дека барањата остануваат исти и апелираат до Владата и ресорните министерства, што побрзо да започнат преговори и да најдат заедничко прифатливо решение за овој проблем.