Владата забрани, а општините продолжуваат да формираат претпријатија за улично осветлување
Со формирањето јавни претпријатија општините сакаат да купуваат струја на регулираниот пазар, каде нејзината цена е многу пониска
Општина Аеродром формираше јавно претпријатие кое има обврска да го менаџира уличното осветлување, а Владата пред два дена донесе одлука со која на општините и на Градот Скопје им се забранува да основаат јавно претпријатие, друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење дејност од јавен интерес – јавно осветлување.
Ваквата одлука, велат од Владата, има за цел да се спречат злоупотреби и манипулации при обезбедување на универзална услуга на пазарот на електрична енергија.
„Во одлуката јасно стои дека заради спречување на злоупотреби и манипулации при обезбедување на универзална услуга на пазарот на електрична енергија, на општините и на Градот Скопје им се забранува да основаат јавно претпријатие, друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење дејност од јавен интерес-јавно осветлување.
Сепак, Тимчо Муцунски, градоначалник на Општина Аеродром, во своето гостување во Радио Лидер изјави дека формирале ракво јавно претпријатие, а и за мерките што ги преземаат во енергетската криза.
„Прва е мерка за штедење, односно, ограничување на уличното осветлување, секоја втора светилка е пуштена навечер на територија на Општина Аеродром и со тоа ја намаливме потрошувачката како апсолутен број. Исто така, со одлука на Советот формиравме јавно претпријатие кој што има обврска да го менаџира процесот на улично осветлување. Тоа јавно претпријатие согласно Законот за енергетика бидејќи има мал број вработени, има мал приход и како такво го префрлува уличното осветлување на таканаречениот регулиран пазар, каде согласно актуелните берзански цени навистина е пониска цена по киловат час“, рече Муцунски.
Тој вели дека со овие јавни претпријатија не се прават никакви злоупотреби, како што тоа го изјави премиерот Димитар Ковачевски, и нагласува дека со нив се менаџираат средства од граѓаните и за граѓаните, односно се заштедуваат средства.
„Премиерот вели општините злоупотребуваат, не, ние најдовме начин да ги заштедиме средствата на граѓаните, тој начин е согласно Законот за енергетика согласно Законот за локална самоуправа, согласно Законот за јавните претпријатија. Јас сѐ уште ја немам видено таа одлука која ја цитира премиерот, но прво ми е тотално нејасно како владина одлука ќе биде спротивставена со три закони кои што се во сила“, рече Муцунски.
Премиерот Ковачевски вчера изјави: „Со цел да се спречат злоупотреби и манипулации при обезбедување на универзална услуга на пазарот на електрична енергија, Владата донесе одлука со која на општините и на Градот Скопје им се забранува да основаат јавно претпријатие, друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење дејност од јавен интерес – јавно осветлување“.
Оваа одлука, како што кажа тој, е донесена поради тоа што сознанијата велат дека општините основале јавни претпријатија или дејности јавно осветлување или ја доделиле на постоечките јавни претпријатија.
Градот Скопје и повеќето општини се правни лица со приходи од повеќе од 2 милиони евра и со повеќе од 50 вработени и како такви се на слободниот пазар, па со префрлањето на дејноста на јавни претпријатија, јавното осветлување оди на регулираниот пазар, каде што струјата е поевтина, поради високите берзански цени во моментов.
На истата владина седница беше донесена одлука и да се обезбеди поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи.
Општините бараат Владата да ја укине одлуката за забрана на локалните самоуправи, да формираат претпријатија или фирми за јавно осветлување. Реагираат дека одлуката е политичка, а крајната цел е да се спречи општините предводени од опозицијата да управуваат со јавното осветлување.
Дел од оштинските власти се на став дека не можат да ги покријат трошоците за струја доколку се принудени да обезбедат струја на слободен пазар. Според повеќето градоначалници, сметките за струја „го јадат“ буџетот за капитални инвестиции и инфраструктурни проекти.
Во меѓувреме, училиштата имаат рок до први декември да склучат договор со ЕСМ продажба, за набавка на електрична енергија по цена од 95 евра за мегават час, а за иста цена струја ќе има и за комуналните претпријатија.