Владата, во овој момент, не размислува за зголемување на возраста за пензионирање


Фото: Б. Грданоски

Владата, во овој момент, не размислува да ја зголеми возраста на која вработените ќе одат во пензија, изјави денеска на прес конференција владиниот портпарол Марија Митева.

Митева, одговарајќи на новинарско прашање, како Владата размислува да ја пополни дупката во Фондот за пензиско осигурување, со оглед на тоа што таму состојбата е сѐ полоша, рече дека се разгледуваат сите состојби со цел да се има стабилен пензиски систем. Сепак, ја отфрли можноста сега да се прифати предлогот на Фискалниот совет веќе од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање од сегашните 64 години на 67 години. Митева не прецизира дали се разгледува и другата мерка, предложена од Фискалниот совет, за постепено зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување за 0,7 процентни поени во 2026 година, а потоа доколку состојбите се влошени и во 2027 година да се зголеми на 21 отсто.

„Во овој момент она што направивме е усогласувањето на пензиите од 5 илајди денари. Имаме активна методологија, имаме закон по кој што се работи. Гледаме како да ги стабилизираме сите состојби, така остануваме посветени и на состојбата во Фондот за ПИОМ и ќе ги разгледаме сите состојби како да имаме еден стабилен систем. Во овој момент не се размислува за она што беше предлог од страна на Фискалниот совет“, одговори Митева.

 

На истата тема:

Фискалниот совет предлага одење во пензија на 67 години и зголемување на придонесот за пензиско

 

Побрзо на гробишта отколку пензија